понеделник, февруари 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Дојранското Езеро се полни од реката Топлец      

Дојранското Езеро се полни од реката Топлец      

59

Дојранското Езеро добива дотур на нова вода по природен пат, од надојдената река Топлец, која, по обилните врнежи, се влева во каналот изграден пред дваесетина години, за спас на езерото од еколошката катастрофа.

Реката Топлец при обилни врнежи, како оние од изминативе месеци, природно избива на површината под главниот пат на излезот од Нов Дојран и, по текот, се влева директно во притока направена во каналот од хидросистемот.

Иако сè уште се исклучени пумпите, а почетниот дел од каналот е сув, Топлец во моментот го дополнува езерото со свежа вода и помага во одржувањето на сегашното ниво.

– Реката Топлец надојде уште од декември и сега заменува барем две пумпи од хидросистемот, од кои секоја дава по сто литри вода во секунда. Сега сме покриени колку-толку, но за летните месеци, секако, треба каналот да врши дотур и разладување на водата. Со разладувањето се одржува нивото на водата да не почне да опаѓа од испарувањето, кое настанува кога имаме многу високи температури. А тоа дали ќе надојде езерото или ќе се повлече, не се покажува насекаде исто, затоа што не е ист теренот – велат постарите жители, кои, како и сите посетители на Дојран, се радуваат што повторно гледаат вода во каналот за спас на езерото.

Покрај Топлец, во селото Николиќ повторно е активирана и Стара Река, која, исто така, природно се влева во езерото. Се очекува и топењето на снегот од планината Беласица дополнително да придонесе за засилување на природните извори.

Според официјалните податоци на Управата за хидрометеоролошки работи, во последните две недели покачувањето на нивото е со намалено темпо поради силниот ветер, кој во два наврати го зафати регионот и придонесе за намалување на дел од добиените сантиметри.

Во моментов, нивото изнесува 145,46 метри надморска височина, што е пораст од само еден сантиметар во однос на почетокот на минатата недела. За да се достигне договореното минимално ниво од 146,13 метри надморска височина, потребни се уште 67 сантиметри.

 

ИЗДВОЕНИ