Хамзат Чимаев не се откажува од амбициозната идеја што би можела да го одбележи УФЦ за 2026 година. Актуелниот шампион во средна категорија јасно стави до знаење дека сака да оди чекор понатаму, да се искачи во полутешката категорија и да се бори за појасот против еден од најопасните борци на денешницата, Алекс Переира.
Чимаев долго време ја градеше приказната за „лов на престолот“, а сега ја однесе целата кампања на следно ниво, поврзувајќи ја со потенцијално историски настан, спектакл на УФЦ што треба да се одржи на тревникот пред Белата куќа. Тој испрати кратка, но многу јасна порака преку социјалната мрежа „Икс“, директно тагирајќи го бразилскиот шампион:
- Одиме во Белата куќа. Не грижи се, брзо ќе те завршам, напиша Чимаев.
Со ова, тој јасно покажа дека не е заинтересиран за било каков натпревар, туку за најголемата можна сцена и противник кој носи глобална тежина. Чимаев претходно го критикуваше Переира, тврдејќи дека „бега“, а сега практично му нуди спектакл во УФЦ, судир на шампиони во две категории, со влогови што публиката ги разбира без дополнително објаснување.
Од друга страна, Переира сè уште не коментираше за новиот повик.
Инаку, Чимаев штотуку го започна своето владеење како шампион. На УФЦ 319 во август, тој доминираше над Дрикс ду Плесис, го освои појасот во средна категорија и одржа совршен рекорд од 15 победи без пораз. На неговиот список веќе се наоѓаат имиња како Роберт Витакер и Камару Усман, но неговиот апетит очигледно расте.











