
Валентин Вашеро, тенисерот од Монако кој до пред два дена беше непознат и за најстрасните навивачи на белиот спорт и кој никогаш немаше играно натпревар за титулата, прекуноќ стана планетарно познат. Неговиот статус на тениската мапа се промени на мастерсот во Шангај, по финишот како од бајките, кој му донесе двојно поголема заработка во кариерата.
Рангиран на 204. место во светот, тој успеа да се квалификува во главната ждрепка, а потоа почна да пишува историја. Влезе на турнирот со само една победа на елитно ниво, а во текот на двете незаборавни недели, целосно го промени текот на својата кариера.
Неговата бајка започна со триумфите над Ласло Ѓере, Александар Бублик, Томас Махак и над Талон Грикспор, пред да го шокира Холгер Руне и да стане првиот играч од Монако што стигнал до четврт-финалето на турнирот од мастерс 1.000 серијата.
Следуваше нова историска победа, над четирикратниот шампион во Шангај, Србинот Новак Ѓоковиќ, а во финалето славеше над својот братучед, Артур Риндеркнех, со 4:6, 6:3, 6:3. Вашеро стана првиот играч од Монако што освоил титула од мастерс серијата и само третиот квалификант со ваков пехар.
– Нереално е тоа што се случи. И сега немам поим што се случува. Дури и не сонувам, ова е лудост! Задоволен сум од играта во последните две недели. Сакам да им се заблагодарам на сите што ми помогнаа од почетокот на кариерата – рече Вашеро.
Со оваа победа, тој од 204. ќе „рипне“ на 40. позиција на АТП-листа, но ќе биде и уште еден тениски милионер, затоа што за освоеното прво место во Шангај, на неговата сметка ќе легнат 1.124.380 долари. Досега, тој има заработено 594.077 долари од турнирите во кариерата, според официјалната веб-страница на АТП. Поразениот финалист ќе добие 597.890 долари.