Договорен е заеднички пристап во креирањето на буџетот на Град Скопје и во дефинирањето на приоритетите

16

По повеќе од три години застој, денеска, во просториите на Град Скопје се одржа првата седница на Координативното тело на градоначалници.

– Со повторното активирање на ова тело, се воспоставува редовна и функционална практика на координација меѓу сите општини, со цел навремено и системско решавање на проблемите во Скопје – соопштија од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека градоначалниците се договориле за заеднички пристап во креирањето на буџетот на Град Скопје и во дефинирањето на приоритетите, со што ќе се овозможи поефикасно адресирање на наталожените предизвици, но и подобра усогласеност во реализацијата на нови проекти од интерес на граѓаните.

– Оваа соработка ќе значи брзи, координирани и практични решенија на терен – децидни се градските власти.

Тие наведуваат дека состојбите што ги наследил Градот биле критични: нарушена финансиска стабилност, нефункционални јавни претпријатија и нерешени комунални проблеми.

– По преземените мерки, ситуацијата е стабилизирана и ставена под контрола. Ги расчистивме големите и малите диви депонии, градот е значително почист, а јавните претпријатија, кои со месеци немале примено плата, во меѓувреме се консолидирани, со уредени здравствени и пензиски придонеси – истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

Тој најави дека се започнати и тендерски постапки за клучните проекти предвидени во програмата: решавање на проблемот со „Лимак“, изградба на кружниот тек во Ѓорче Петров, стабилизација на водниот притисок во високите зони и серија други инфраструктурни и комунални зафати што директно ќе го подобрат животот на скопјани.

Како еден од најзначајните и најдраги проекти од Град Скопје, градоначалникот го потенцираше Лунапаркот.

– По децении чекање, конечно, ќе започне процесот, овозможувајќи им го на најмладите долгоочекуваното место за забава и рекреација –  нагласи Ѓорѓиевски.

Тој информираше дека Градот спроведува динамична акција за отстранување на времените објекти, кои го узурпираат јавниот простор.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ