Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, потпиша договор со министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, за опремување на новата градинка во населбата Потстаница, чија изведба е во завршна фаза. Ова ќе биде првата детска градинка во овој дел од Општината, која ќе овозможи современи услови за воспитување и грижа за околу 80 деца.

– Во Кисела Вода, секое дете ќе има свое место во градинка. Кога започнав да ја водам Општината, на наследените листи на чекање за упис во градинка имаше околу 450 деца, а денес овој број е сведен на само триесетина. Со завршувањето на градинката во Потстаница и со интензивните градежни активности што се одвиваат во уште две нови градинки, во Расадник и во 11 Октомври Згради, но и со претходните наши активности преку кои се интервенираше за изградба или за проширување на капацитетите во уште седум други објекти, целосно ќе ги затвориме листите на чекање – истакна Ѓорѓиевски.

Општина Кисела Вода ја доби градинката во Потстаница како објект со одлука на Владата.

– Во завршна фаза е темелната реконструкција, со што ќе се добие модерен и безбеден простор од 222 квадратни метри, каде што ќе растат околу 80 деца, развивајќи се во најдобри услови. Ова е од огромно значење за жителите од Потстаница, бидејќи во овој дел од Општината никогаш досега немаше детска градинка – рече Ѓорѓиевски.

ИЗДВОЕНИ