Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, денеска изјави дека не се чувствува загрозен по информациите за подготовката на неговиот атентат, а имињата и мотивите на оние кои го подготвувале треба да се кажат брзо, јавно и јасно, пренесува сараевски Аваз.
– Не се чувствувам загрозен, туку многу безбеден кога ме чуваат полицајците на Република Српска и Србија. Немам страв, но индикативно е дека луѓето се спремни да одвојат пари за вакви работи. Ќе видиме како ќе заврши се, а секој од РС што би размислувал да преземе слични мерки против некој од политичарите во Федерацијата Босна и Херцеговина ќе биде строго казнет – изјави Додик на прес-конференција во Бања Лука по средбата со поранешниот гувернер на американската сојузна држава Илиноис, Род Благојевич.
Додик тврди дека знае кој е човекот кој собрал група луѓе во Коњиќ и обезбедил милион евра, а ангажирал луѓе од Нови Пазар и „муслимани од БиХ кои се интересни криминални личности“.
-Имале обврска да извршат атентат врз мене некаде во Србија. Во меѓувреме, едно лице од Нови Пазар заврши во притвор, а уште еден е во затвор во Риека. Ме интересира мотивот за мојот атентат. Не можам да верувам дека влегуваме во оваа сфера, но не сакам ништо да се драматизира – додаде Додик.
Тој додаде дека безбедносните служби ќе бидат информирани за наводната организација на атентатот.
Поранешниот гувернер на американската сојузна држава Илиноис Род Благојевич во понеделникот во Бања Лука изјави дека српскиот лидер во Босна и Херцеговина Милорад Додик, како и американскиот претседател Доналд Трамп и тој, биле жртви на политички прогон.
„Бев гувернер и не ја завршив мојата политичка кариера како што сакав – бев жртва на политички прогон. Тие се обидоа да му го направат истото на Трамп, а денес му го прават на Додик“, рече Благојевич на прес-конференција.