Лидерот на владејачката коалиција во Република Српска, Милорад Додик, на прославата на Денот на српското единство, слобода и национално знаме, изјави дека Босна и Херцеговина (БиХ) не е иднината на српскиот народ во таа земја.
На церемонијата пред Палатата на Републиката, каде што денес беше подигнат 120-метарскиот српски триколор, Додик рече дека „сите Срби мора да се борат за идејата за еден народ – една држава“, пренесе „Бета“.
Додик, на кого Централната изборна комисија на БиХ му го одзеде мандатот како претседател на тој ентитет БиХ во август, рече дека „обидот Република Српска да се турне во унитарна БиХ е неуспешен“.
„Важно е да се собереме тука, на ден кога сме заедно во Република Српска и во Србија и каде што постои српски свет кој знае што е традиција, што е нашата култура. Нашата иднина е српска национална држава, што е наше право и колку далеку сакаме да одиме. Ви благодариме што се собравте тука, но и во вашите домови, за да го прославиме нашиот празник со достоинство. Никој нема да ни даде слобода“, рече Додик.
Тој додаде дека српскиот претседател Александар Вучиќ му се јавил од Јапонија „за да ни го честита заедничкиот празник и да ни ги пренесе своите најдобри желби“.
„Да останеме заедно, сè уште има некои важни денови пред нас. Првиот е референдумот – кој ќе го спроведеме, а кој е важен за патот кон нашата слобода. Тој треба да се одржи кога Народното собрание ќе го пропише. Убеден сум дека нашиот народ ќе реагира на тој начин“, рече Додик.
Откако на Додик му беше одземен мандатот, врз основа на правосилна пресуда со која беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење функција, поради непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, Собранието на Република Српска распиша референдум за оваа и други одлуки на властите на ниво на БиХ за 25 октомври.
Граѓаните ќе одговорат на прашањето на референдумот: „Дали ги прифаќате одлуките на неизбраниот странец Кристијан Шмит и неуставните пресуди на Судот на БиХ против претседателот на Република Српска, како и одлуката на Централната изборна комисија за одземање на мандатот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик?“
Србија и Република Српска го слават Денот на српското единство, слобода и национално знаме од 2020 година, во спомен на 15 септември 1918 година, кога српската војска го проби Солунскиот фронт, што придонесе за распадот на Централните сили и крајот на Првата светска војна.