Потпретседателот на Република Српска (РС) Давор Прањиќ (ХДЗ БиХ), потпиша указ за прогласување на Законот за измени и дополнувања на Законот за полиција и внатрешни работи, со што официјално јасно се стави до знаење дека Милорад Додик му ги префрлил своите овластувања, објавува „Бета“.
Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК БиХ) му го одзеде мандатот на Додик како претседател на РС врз основа на конечна пресуда на Судот на БиХ.
Указот за прогласување на законот со целиот текст на законот е објавен во денешниот Службен весник на РС.
Иако Додик и владејачката коалиција ја отфрлија одлуката на ЦИК да му го одземе претседателскиот мандат и да распише предвремени избори за претседател на РС на 23 ноември, фактот што потпретседателот Прањиќ го потпиша указот за прогласување на законот значи дека Милорад Додик ја признал и одлуката на Судот на БиХ и одлуката на ЦИК дека тој повеќе не е претседател на РС.
Владејачкото мнозинство во Народното собрание на РС донесе заклучоци со кои не ја признава одлуката на Судот на БиХ, кој го осуди Додик на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција поради неспроведување на одлуките на високиот претставник во БиХ.












