Додик порача дека не ја прифаќа пресудата со која е осуден на затвор и забрана за политичка активност

970

Милорад Додик, претседател на босанскиот ентитет Република Српска (РС), на вонредна конференција во Бања Лука објави дека не го прифаќа кривичното дело „непочитување на одлуките на високиот претставник“ за кое конечно беше осуден од Судот на Босна и Херцеговина, пренесува „Радио Слободна Европа“.

Судот на Босна и Херцеговина денес објави дека Додик е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност за непочитување на одлуките на високиот претставник.

„Институциите на РС ќе го одредат својот став кон ова, јас ќе ја прифатам секоја одлука на парламентот, но не ја прифаќам оваа одлука“, рече Додик.

Тој најави нови одлуки на Народното собрание на РС, кое треба да усвои „јасен план за тоа како да се излезе од ова“, без да прецизира кои одлуки ќе бидат тие.

„Сите наши одлуки ќе бидат политички, Судот (на БиХ) се дисквалификува како правно тело“, нагласи Додик и рече дека нема да има предвремени избори ниту во РС.

„Изборите нема да се одржат додека сум претседател, ги повикувам моите соработници да не дозволат предвремени избори, ја повикувам полицијата да забрани отворање на кое било гласачко место“, рече Додик.

Тој исто така изјави дека очекува поддршка од Србија, а дека ќе се обрати и до Русија и САД.

Адвокатот на Додик, Горан Бубиќ, на истата прес-конференција објави дека ќе биде поднесена жалба до Уставниот суд на БиХ, со цел да се обиде да ја оспори.

„Исто така, ќе побараме привремена мерка за замрзнување на извршувањето на пресудата до одлуката на Уставниот суд на БиХ“, рече Бубиќ на прес-конференција во петокот во Бања Лука, наведувајќи дека ова се чекори потребни за понатамошна жалба до Европскиот суд за човекови права.

Конечната пресуда против Додик беше донесена по расправата одржана на 12 јуни од страна на тричлена комисија составена од Амела Хускиќ, Весна Јесенковиќ и Хилмо Вучиниќ, а комисијата ја потврди првостепената пресуда од 26 февруари, со која Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција.

Како што објави Судот на БиХ, пресудата е испратена до страните и против неа не е дозволена жалба.

Адвокатскиот тим на Додик, како и Обвинителството на БиХ, поднесоа жалба на првостепената одлука на Судот.

Обвинителството побара зголемување на затворската казна, како и забрана за вршење политичка функција, додека одбраната побара поништување на пресудата.

Додик беше прогласен за виновен за потпишување на декрет за донесување закони што високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, претходно ги поништи.

Со овие закони, законодавните тела во РС се обидоа да го спречат спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на БиХ и на високиот претставник на територијата на овој ентитет на БиХ.

ИЗДВОЕНИ