Додик остана без дипломатски пасош

28

Откако Милорад Додик одби да го исполни барањето на Министерството за надворешни работи на БиХ за враќање на дипломатскиот пасош, неговата патната исправа денеска е автоматски поништена.

Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, пред 15 дена побара од поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, да го врати дипломатскиот пасош на Босна и Херцеговина, но осудениот лидер на СНСД одби, објавија локалните медиуми во БиХ.

Барањето беше испратено на 19 август, а рокот за враќање на пасошот истече денеска, 3 септември. Додик одби да го исполни барањето на Министерството за надворешни работи, па денеска неговиот пасош беше автоматски поништен и прогласен за неважечки.

Конаковиќ го испрати барањето откако на Додик му беше законски одземен мандатот како претседател на РС, поради пресудата на Судот на Босна и Херцеговина. Одлуката за одземање на мандатот стана конечна на 18 август.

Имајќи предвид дека одредбите од член 9, став (1) од Правилникот за издавање дипломатски пасоши („Службен весник на Босна и Херцеговина“, бр. 95/14, 28/18 и 36/20) пропишуваат дека носителот на дипломатски пасош, кој го изгубил статусот врз основа на кој го стекнал правото на тој пасош, е должен да го врати пасошот на подносителот на барањето од член 5 од овој Правилник во рок од 15 дена од денот на престанокот на статусот, и имајќи предвид дека со Одлуката на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина бр. 06-01-07-1-939/25 од 06.08.2025 година е утврден прекин на мандатот на Милорад Додик, со ова го покануваме назначеното лице да го врати дипломатскиот пасош“, се наведува во писмото упатено до Додик.

Од друга страна, Додик во меѓувреме редовно го користел својот дипломатски пасош за време на патувањата. Тој трипати бил во Србија. Сега може да патува, но со обична патна исправа, без дипломатските бенефиции што ги имаше.

Министерството за надворешни работи денеска ќе ја извести Граничната полиција на БиХ и дипломатско-конзуларната мрежа дека неговиот пасош е поништен и дека нема да може да ја премине државната граница со него.

ИЗДВОЕНИ