Додик најави референдум за независност на Република Српска

50

Претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, денес објави дека референдум за независност на Република Српска (РС) ќе се одржи до крајот на годината, доколку не се постигне траен политички договор во Босна и Херцеговина (БиХ).

„Не бараме конфликти, туку слобода и почит, која што се остварува преку референдумот и усвојувањето на Декларацијата за самоопределување. Тоа е нашата порака – вратете нè на Дејтонскиот мировен договор. Ќе го дадеме нашето мислење на референдумот што ќе се одржи кон крајот на септември“, рече Додик на прес-конференција во Бања Лука.

Потоа, како што изјави, граѓаните на РС треба да го искажат своето мислење за пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против него, а, доколку дури и после тоа нема политички договор на ниво на Босна и Херцеговина и „враќање на Дејтонскиот договор“, во рок од 90 дена ќе се распише референдум за независност на РС.

Тој оцени дека Босна и Херцеговина е „непостоечка држава, исто како што е непостоечки Дејтонскиот договор“, за кој рече дека е урнат.

„БиХ е непостоечка земја за нас, Дејтонскиот договор е непостоечки, бидејќи беше пропаднат, тоа е измама и нема повеќе дискусии во врска со тоа прашање“, рече Додик на прес-конференција во Бања Лука.

Според неговите зборови, Дејтонскиот договор бил уништен од бошњачката страна, „преку злоупотреба на неуставниот Суд на Босна и Херцеговина, Обвинителството, како и притисокот и покорноста на голем број луѓе од РС, тие биле во позиција да ја елиминираат позицијата на РС со квази-судска одлука“.

Додик оцени дека РС направила грешка кога го потпишала Дејтонскиот мировен договор, наведувајќи дека тоа е „заблуда“ на српскиот народ.

Тој истакна дека нема да се повлече од политичката сцена, дека не ја прифаќа пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против него, која ја нарече „пресуда на Република Српска“.

ИЗДВОЕНИ