Свечено доделување на книжевната награда „Оливера Николова“ за 2025 година и промоција на победничкиот роман „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски ќе се одржат на 5 ноември (среда), во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Романот, кој е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е збогатен со илустрации од Здравко Гиров. На доделувањето на наградата востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“, ќе се обрати жирито во состав: Оливера Ќорвезироска, Весна Мојсова-Чепишевска и Јагода Михајловска-Георгиева.

„Џинџуџе“ е прво дело за деца и млади од истакнатиот македонски писател Ермис Лафазановски. Станува збор за модерна бајка за потрагата по среќа, сместена во наше време и на наш простор. Бајковидноста и вештото, духовито реферирање на фолклорната традиција во романот се остварени преку два лика – еден џин и едно џуџе (односно едно огромно и едно ситно дете) – исправени пред предизвиците на современиот живот, обединети во т. н. „мол-култура“, како неизбежен факт на нашето време.

„Џинџуџе“ е заедничко, уметничко име на двајца најдобри пријатели – џинот и џуџето – кои функционираат како едно суштество. Зближени по принципот на разлики и контрасти (едниот е огромен и силен, интелектуално инфериорен; другиот е ситен и немоќен, интелектуално супериорен), тие се досетливи акробати кои изведуваат точки со велосипед низ Скопје, особено во „Сити мол“.

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади е установена на 11 март 2025, на денот на раѓањето на Оливера Николова, првиот без нејзино физичко присуство меѓу нас. Николова почина на 3 ноември 2024.

На првиот конкурс за наградата „Оливера Николова“, која ја установи издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка на семејството на Николова, пристигнаа 38 ракописи од 37 автори. Во најтесниот избор за наградата беше и романот „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов).

Во меѓувреме, „Арс Ламина“ го распиша и вториот конкурс за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2026 година. Конкурсот трае до 11 јануари 2026. На него можат да учествуваат автори со необјавени романи (ракописи) за деца и млади во должина од 2 до 5 авторски табаци (од 32 до 80 страници). Ракописите треба да се достават по електронска пошта на адресата [email protected], како Ворд или ПДФ-документ со назнака: За конкурсот „Оливера Николова“.

ИЗДВОЕНИ