петок, јануари 16, 2026
Дома КУЛТУРА Доделување на Европските филмски награди во Берлин

Доделување на Европските филмски награди во Берлин

32

Норвешката мелодрама „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value) на Јоаким Трир, минатогодишниот кански победник, иранскиот „Тоа беше само несреќа“ (It Was Just an Accident) на Џафар Панахи, постапокалиптичниот филм „Сират“ (Sirat) на Оливер Лаксе, германски „Звук на паѓање“ (Sound of Falling) на Маша Шилински и потресната драма за Газа „Гласот на Хинд Раџаб“ (The Voice of Hind Rajab) на Каутер Бен Ханија се кандидати за наградата најдобар европски филм на 38. Европски филмски награди (EFAs) што ќе се одржат на 17 јануари во Берлин.

Наградите, што се сметаат за европски пандан на „Оскарите“, ги доделува Европската филмска академија.

Во трката за режисер, заедно со Јоргос Лантимос кој е номиниран за филмот „Бугонија“ со Ема Стоун и Џеси Племонс во главните улоги, се и Лаксе за „Сират“, Панахи за „Тоа беше само несреќа“, Шилински за „Звук на паѓање“ и Трир за „Сентиментална вредност“.

Номинирани во категоријата најдобра европска актерка, пак, се Ренате Рејнсве за „Сентиментална вредност“, Леони Бенеш за „Доцна смена“, Валерија Бруни Тедески „Дузе“, Леа Дракер за „Случај 137“ и Вики Крипс за „Сакај ме нежно“. Номинирани за европски актери се ѕвездата од „Сират“, Серхи Лопез, Мадс Микелсен за „Последниот викинг“, Тони Сервиљо за „Ла Грација“, Стелан Скарсгард за „Сентиментална вредност“ и Идан Вајс за „Франц“.

Лив Улман, двократно номинирана за Оскар норвешката актерка и режисерка, најпозната по класиците од 1970-тите како „Плачи и шепоти“ и „Сцени од брак“, ќе добие награда за животно дело на овогодинешните ЕФА.

Свечената церемонија на доделување која се одржуваше во декември, сега е поместена за средината на јануари за да ги позиционира „ЕФА“ како дел од сезоната на меѓународни награди и како предвесник за БАФТА и Оскарите. Всушност, многу од овогодинешните номинирани за наградата ЕФА, вклучувајќи ги „Сентиментална вредност“, „Бугонија“, „Тоа беше само несреќа“, „Сират“ и „Звук на паѓање“, се меѓу фаворитите за Оскар.

ИЗДВОЕНИ