Општина Битола распиша јавен повик за доделување линии за вршење општински линиски превоз на патници и за субвенционирање на линиите до руралните средини, согласно со одлуката за општински линиски превоз на патници во Општината Битола и Правилникот за условите, начинот и постапката за доделување на линиите на превозниците во општинскиот линиски превоз на патници. Доделувањето линии е за период од пет години, од денот на издавањето на дозволата.
Доделувањето на линиите се врши по принципот „пакет линии“ и по принципот „поединечни линии“. Заинтересираните правни лица имаат право да поднесат поединечни понуди за секој пакет линии и за секоја поединечна линија, во посебен плик. Со исти возила може да се аплицира за повеќе пакети линии и за повеќе поединечни линии. Евалуацијата на понудите ќе се врши редоследно, според бројот на пакетот линии, почнувајќи од пакетот линии бр. 1, продолжувајќи со поединечните линии, според бројот на поединечната линија. Во случај да е искористен понудениот капацитет на возила со добивање одредени пакети линии и поединечни линии, сите понуди за следните пакети линии и поединечни линии ќе се сметаат како да не се поднесени, односно ќе бидат отфрлени. Едно исто возило може да биде искористено како второ возило (резерва) за повеќе линии, сè додека не е искористено како прво возило со добивање одредена линија. Јавниот повик за доделување пакет линии и поединечни линии се смета за успешен и во случај ако биде доставена најмалку една понуда што ги исполнува сите услови и барања предвидени во документацијата за јавниот повик.
Крајниот рок на поднесување на понудите е 28.1.2026 година, до 15:00 часот по локално време. Понудите се доставуваат директно на шалтерот број 4 во Општина Битола, булевар „1 Мај“, број 61, Битола, Република Македонија, во хартиена форма.
Јавното отворање на понудите ќе се изврши на 29.1.2026 година, во 12:00 часот, во просториите на Општина Битола.












