Со свечена седница на Советот на Општина Кисела Вода, одржана во Домот на култура „Билјана Беличанец“, започна одбележувањето на големиот јубилеј – 70 години од постоењето на најстарата скопска општина.
На настанот присуствуваа поранешни и актуелни функционери, советници, претставници на институции, заслужни граѓани и гости, а во свечена атмосфера беа доделени и симболични статуетки во форма на клуч, како признание за оние кои оставиле значаен белег во развојот на Кисела Вода.
– Нѐ обединува една голема годишнина. 70 години постоење на Општина Кисела Вода, најстарата скопска општина, чија историја е испишана низ трудот, визијата и промените кои го обликувале нејзиниот инфраструктурен, социјален и урбан лик. Некогаш, во рамките на оваа општина функционираа и пет други денешни самостојни општини. Јадрото на таа силна административна целина е токму денешната Кисела Вода, која во последните неколку години прерасна во пример за ефикасно, отчетно и плански водено управување, со јасни приоритети и реални резултати. Во оваа сала денес се среќаваат различни генерации – луѓе кои на различни начини биле дел од општинскиот развој низ годините. Дел како носители на одлуки, дел како административна поддршка, дел како активни граѓани. Секој оставил свој придонес во времето кога имал можност и одговорност. Ова е заеднички јубилеј на сите кои придонесувале и придонесуваат за Кисела Вода да биде подобро место за живеење. Оваа годишнина е наше заедничко обележување е и наше, и ваше, и на сите граѓани. Изминатите три и пол години ја претворија Кисела Вода во симбол на сериозен напредок. Ја имав и имам честа да бидам на чело на овој процес во кој од првиот ден, со јасна визија и чесна намера, тргнавме да ставиме сѐ на свое место. Тоа не беше само слоган, туку и наш патоказ. И затоа денес можеме со гордост да зборуваме за резултатите – истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски давајќи кус осврт на најважните проекти кои се сработени во овие триипол години.
Свеченоста беше заокружена со сечење на роденденската торта.