Градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски и оваа година додели Решенија на граѓаните кои имаа поднесено барање за добивање еднократна парична помош за купување инвертер клими или соларни панели.
Тој истакна дека оваа година околу 60- тина домаќинства добиле субвенции за клима уреди.
– Целта е да се стимулираат домаќинствата во општина Илинден за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување или ладење на своите домови, кои се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината – рече Георгиевски.
Оваа мерка е дел од Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани на Општина Илинден за 2025 година. Износот кој го доделува Општината како финансиска помош е 50% од сумата за која е купена инвертер климата или соларниот панел, односно до максимум 10.000,00 денари по производ.