ДОДЕКА ТРААТ ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ПОПОЛНУВАЊЕ НА ИСПРАЗНЕТИТЕ ВЛАДИНИ РЕСОРИ: Се чека 16. министер за екологија, досега ниту еден не останал цел мандат!

Партнерите во Владата прексиноќа ги започнаа преговорите околу пополнувањето на вицепремиерската позиција и на позицијата на министер за животна средина. Податоците покажуваат дека претходните министри, во просек, имале мандат од по само 22 месеца, при што најкусиот мандат траел само 4,5 месеци. Експертите укажуваат дека честото менување на министрите за екологија е симптом на длабоко непознавање и на потценување на секторот, а притоа министерската функција се третира како политичка размена

111

Синоќешната средба на премиерот Христијан Мицкоски со лидерите на коалицијата „Вреди“ не донесе одговор на прашањето како и со кои кадри ќе се пополнат испразнетите позиции во македонската Влада. Односно, кој ќе се најде во улога на првиот вицепремиер и на министер за животна средина, откако Изет Меџити ги замени овие функции со градоначалничката во општина Чаир. Барањето на коалицијата „Вреди“ е да добијат право да предложат двајца одделни кандидати за секој од двата ресора. Веќе отпорано е соопштено дека позицијата прв вицепремиер ја планираат за Беким Сали, а според неофицијалните извори, на синоќешната средба бил соопштен нивниот предлог нов министер за животна средина да биде Мухамед Хоџа, поранешен портпарол во една од македонските влади составена од СДСМ и ДУИ. За јавноста остана непознато каков бил одговорот на премиерот Мицкоски, исто како и одговорот на прашањето кога би можело да се очекува изборот на нови кадри во овие два ресора. Од редовите на владејачката партија уште вчера најавија дека им е најважен „квалитет, а не квантитет на кандидатите“, а тоа води кон дилемата дали премиерот ќе инсистира и натаму двете функции да ги извршува само еден кадар од редовите на „Вреди“ или ќе се согласи да бидат двајца? Па, така, коалицијата „Вреди“ наместо досегашните шест министри ќе има вкупно 7 во Владата во која се уште и 15 министри на ВМРО-ДПМНЕ и двајца од ЗНАМ.

Потценување на секторот

Како и да е, владиниот ресор за животна средина во што поскоро време треба да добие функционер кој ќе одговара за неговото работење во областа на заштитата на животната средина. Наближувањето на зимскиот период, зголеменото загадување на воздухот што во тој период редовно се случува, но и други жешки еколошки проблеми во државата, бараат овој ресор да се води со полн капацитет. Изборот на новиот кадар ќе значи дека Македонија ќе добие 16. министер за животна средина по ред, откако во дамнешната 1998 година било оформено посебно Министерството за животна средина. А увидот во тоа кои сè министри во колкав период ја извршувале функцијата покажува и несекојдневен податок – дека ниту еден од претходните 15 министри за екологија не ги завршиле своите цели 4-годишни мандати!? Односно, дека во просек, петнаесеттемина имале мандат од по само 22 месеца, поточно нецели две години. Па така, податоците покажуваат дека првиот министер за екологија, Тони Поповски, останал на функцијата само две години, од ноември 1998 до ноември 2000 година, а неговиот наследник, Марјан Додовски, имал убедливо најкус мандат од сите оние што продефилирале во министерскиот кабинет – само 4,5 месеци извршувајќи ја функцијата од 30 ноември 2000 до 13 мај 2001 година. Само нешто повеќе, односно, само шест месеци, грижата за животната средина се наоѓала во рацете на Имер Алиу, кој ја извршувал функцијата од август 2006 година па до февруари 2007 година… Подоцнежни министри како, на пример, 11. по ред, Башким Амети, имал мандат од 13 месеци (од април 2016  до мај 2017 година), а претпоследната министерка, Каја Шукова, имала мандат од 16 месеци – од февруари 2023 па до јуни 2024 година. Изет Меџити, пак, на чело на овој ресор останал само 11 месеци, од јуни минатата година, па до овој месец, кога стана градоначалник. Со најдолг мандат, пак, може да се пофали само поранешниот министер Насер Нуредини, кој за екологијата се грижел 42 месеца – од јули 2019 до февруари 2023 година… Сите мандати биле прекинувани поради смените, реконструкциите, истекот на мандатот на тогашните влади. Индикативно е и тоа што овој ресор најчесто паѓал во рацете на кадрите на некоја од партиите на Албанците во земјава. Но, сето ова отвора дилема зошто, практично, ниту еден министер не доби можност да го истера целиот мандат и да ја спроведе програмата?

Ана Петровска, долгогодишен еколошки активист и поранешна директорка на Државниот инспекторат за животна средина, смета дека тоа е резултат на потценувањето на секторот кој се третира како предмет за париска размена.

– Фактот дека во период од 27 години ниту еден министер не го завршил својот мандат е симптом на длабоко непознавање и на потценување на секторот што директно влијае на здравјето на граѓаните. Министерската функција се третира како политичка размена, а резултатот е застој, недоверба и изгубени шанси – вели Петровска во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Куси мандати за долготрајни проблеми

Според Петровска, најлоша последица од честите смени на министрите за екологија се незавршувањето на проектите и нерешавањето на проблемите во оваа значајна област.

– Започнати проекти не се довршуваат, иако има грантови за подобрено управување со отпад, кредитни линии за изградба на пречистителната станица во Скопје и за водоводни и канализациски системи низ Македонија, закони што не се применуваат, природни богатства што не се заштитуваат… Европската Комисија секоја година укажува на недостатоци, од кои најсериозен е недостигот на политичка волја – нагласи Петровска.

И во годинашниот Извештај на Европската комисија за Македонија е констатирано дека нема речиси никаков напредок во животната средина. Во него беше наведено дека државата каска во имплементирањето на регионални центри за третман на отпадот и покрај тоа што добива пари од ЕУ, а општинските комунални претпријатија не работат ефикасно. Властите не направија напор да ги донесат законот за вода и за клима, да ги заштитат Охрид, Матка и Маврово, ниту, пак, да ја подобрат состојбата со неефикасната и неквалификувана јавна администрација.

– Сè уште се испуштаат непречистени отпадни води со што се загадуваат реките, нема истраги за еколошки кривични дела, дополнително се одложува воспоставувањето на регионален систем за управување со отпад низ целата земја,  се вели во неодамнешниот извештај.

Пред шест години, тогашното Министерство за животна средина објави намера да спроведе План за чист воздух, со кој за две години аерозагадувањето во Скопје требаше да биде намалено за 50 проценти, а во другите градови за 30 отсто. Планот предвидуваше 10.000 домаќинства да се приклучат на парно греење, 20.000 домаќинства да ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15.000 домаќинства да ја подобрат енергетската ефикасност на домовите… но сето тоа не се реализира, ниту од тогашниот министер ниту од неговите наследници. Граѓаните и натаму имаа проблеми со енормното зголемување на воздухот, најмногу во градовите Скопје, Тетово, Струмица, Битола и други. Освен ова, со години и години во земјава постојат голем број шеснаесетина црни еколошки точки кои никако да се решат поради недоволната посветеност како на Министерството за животна средина, така и на другите органи. Депонијата на поранешниот хемиски гигант ОХИС со илјадници тони линдан, канцероген пестицид забранет пред неколку децении од Обединетите нации, сѐ уште е закана за македонската метропола, а опасни се и депонијата на троска на топилницата за олово и цинк во Велес, Лојане, „Југохром“, поранешната фабрика за гипс во Велес, „Годел“… Тоа се проблеми на кои е потребно подолгорочно посветување и кои, извесно, не може да се решаваат со куси мандати на функционери кои се задолжуваат да се грижат за животната средина.

– Сето тоа треба да го имаме предвид пред претстојното именување на новиот министер кој треба да има знаење, интегритет и визија и да добие поддршка од Владата да се зафати со решавање на горливите проблеми што сите нѐ притискаат и се дел од причините зошто способни луѓе ја напуштаат државата – нагласува Ана Петровска. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ