Додека се преговара за мир, Русија создава легија на странци – по Севернокорејци, сега регрутира и Иранци

35

Во огласите, на мажите на возраст меѓу 18 и 45 години им се нудат бонус за потпишување договор до 20.000 долари и месечна плата од околу 2.000 долари. Им се нудат работни места и на жените со медицинска обука во различни улоги, вклучувајќи војници, оператори на беспилотни летала и возачи. На кандидатите им се ветуваат летови до Русија, бесплатно сместување, медицинска нега и други неодредени провизии. Оние што регрутираат честопати ги имаат како цел мажите во посиромашните земји, кои потоа добиваат многу малку обука пред да бидат испратени на фронтовските линии

 

Во главниот град на Иран, Техеран, се појавија летоци со кои им се нудат на мажите дарежливи парични награди за да ѝ се приклучат на борбата против Украина. Руската амбасада во Техеран веднаш реагираше, тврдејќи дека огласите се лажни, но и покрај ова, познато е дека Русија користи тајни мрежи за регрутирање странци за борба во Украина, пишува Радио Слободна Европа/Радио Либерти.

Во огласите, на мажите на возраст меѓу 18 и 45 години им се нудат бонус за потпишување договор до 20.000 долари и месечна плата од околу 2.000 долари. Им се нудат работни места и на жените со медицинска обука во различни улоги, вклучувајќи војници, оператори на беспилотни летала и возачи. На кандидатите им се ветуваат летови до Русија, бесплатно сместување, медицинска нега и други неодредени провизии. Новинарите на Радио Фарда го контактирале бројот на „Ватсап“ наведен во рекламите. Неидентификувано лице што одговорило преку СМС-порака, претставувајќи се како администратор во Москва, тврди дека летоците се дел од „официјална“ руска кампања за регрутирање, „координирана“ со иранските власти, но не понудиле докази. На летокот, исто така има, и оглас на каналот „Телеграм“: „Придружете ѝ се на руската армија на странци“, напишан на руски, англиски, персиски и на арапски јазик. Каналот беше лансиран на 4 ноември и има повеќе од 2.000 претплатници. На една од објавите стои дека руското Министерство за одбрана „ги отвора вратите за странски државјани што се подготвени да потпишат договор и да служат со чест“ и се додава: „Добредојдени сте дури и ако не зборувате руски“. Друга објава од 7 декември покажува фотографија од двајца мажи со покриени лица и со натпис: „Наши момчиња од Иран, добре дојдовте во Русија“. Од друга страна, руската Амбасада во Техеран во соопштение од 9 декември изјави дека летоците се „фалсификувани и од криминална природа“.

– Ниту Амбасадата ниту која било официјална структура на руската држава немаат никаква врска со ова писмо – се вели во соопштението што го пренесоа иранските медиуми.

Џон Харди, заменик-директор за руски прашања во Фондацијата за одбрана на демократиите, изјави за Радио Фарда дека иако не може да ја потврди автентичноста на летоците, „Русија има долга историја на регрутирање странци од широк спектар земји за да се борат во Украина“. Тој нагласи дека Русите што регрутираат честопати ги имаат како цел мажите во посиромашните земји, кои потоа добиваат многу малку обука пред да бидат испратени на фронтовските линии.

Украина тврди дека Москва регрутирала најмалку 18.000 странски борци од 128 земји. Иран, како земја со 88 милиони жители и се соочува со голема невработеност и сиромаштија поради санкциите на САД, изгледа како логично место за регрутирање. Покрај тоа, Иран и Русија ги продлабочија односите во последниве години, при што Техеран ја снабдува Москва со дронови. Иран е, исто така, дом на милиони авганистански бегалци и мигранти, а Русите што регрутираат претходно ги имаа како цел членовите на таа маргинализирана заедница. Уште во 2022 година, „Асошиејтед прес“ објави дека Русија се обидува да формира легија на странци од поранешни припадници на авганистанските вооружени сили што живеат во Иран, нудејќи им месечна плата од околу 1.500 долари.

ИЗДВОЕНИ