Додека се чекаат мировните преговори во Истанбул, Русија воено се стационира на граница со НАТО

263
epa11207451 Turkish President Recep Tayyip Erdogan (R) and Ukrainian President Volodymyr Zelensky (L) pose after attending a press conference in Istanbul, Turkey, 08 March 2024. President Zelensky arrived for talks with his Turkish counterpart expected to focus on the war with Russia and the Black Sea grain shipments. EPA-EFE/TOLGA BOZOGLU

Снимките добиени од шведската телевизија СВТ покажуваат руската војска на границата со Финска поставува шатори за војници, прави складишта за оклопни возила и реновира воздухопловна база. Зеленски бара да се сретне лично со Путин, а Кремљ соопшти дека подготвува делегација, без да каже кој е во нејзиниот состав

 

Во пресрет на очекуваните утрешни мировни разговори меѓу Русија и Украина во Истанбул, иницирани од рускиот претседател Владимир Путин, а прифатени од украинскиот Володимир Зеленски, откриено е дека Русија презема чекори опасни за Европа.

Сателитски снимки покажуваат зголемена руска воена активност во близина на источната граница на Финска. Ова се случува откако Финска и Шведска станаа членки на НАТО, што ја помести границата на алијансата директно на северозападниот дел на Русија. Според аналитичарите, ова е дел од реакцијата на Русија на проширувањето на НАТО. Снимките добиени од шведската телевизија СВТ покажуваат активности на четири важни локации. Во Каменка, која се наоѓа само 60 километри од финската граница и до пред три години не беше развиена, од февруари годинава се поставени повеќе од 130 воени шатори, во кои може да се сместат 2.000 војници. Во Петрозаводск, на околу 175 километри од границата, изградени се три големи складишта, во кои можат да се сместат околу 50 оклопни возила, а четвртото е во изградба. Во Североморск-2, северно од Арктичкиот круг, се реновира воена воздухопловна база каде што сателитските снимки покажуваат хеликоптери. Во базата Олења, пак, се забележани руски стратешки бомбардери кои учествуваат во нападите врз Украина.

Русија вчера објави дека се подготвува за утрешниот состанок во Истанбул, но не кажа кого ќе испрати таму. Не одговори ниту на ултиматумот на европските челници да прифати 30-дневно примирје за да не се соочи со санкции. Рокот за прифаќање на понудата за примирје истече вчера изутрина, но не се знае дали најавените дополнителни санкции воопшто ќе стапат на сила. Зеленски прво заминувањето за Истанбул го условуваше со 30-дневното примирје, а потоа најави дека без разлика на тоа ќе оди на средбата. Следниот услов што го постави е да се сретне лично со Путин, но вчера Кремљ соопшти дека подготвуваат делегација за проговорите во Турција, а нејзиниот состав ќе го објави кога претседателот Путин ќе смета дека тоа е соодветно. Освен ова, Русија му порача на Зеленски дека нема ни моќ, ни позиција за поставување на ултиматуми и би требало да се согласи на преговори.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно ја оцени како одлична понудата за мировни преговори меѓу двете земји во Истанбул, а вчера рече дека ќе направи напор да присуствува на нив, иако деновиве е на турнеја низ арапските земји. Неговиот специјален претставник, Стив Виткоф изјави дека судбината на украинската територија која сега е под контрола на руската армија, нуклеарната централа Запорожје, како и пристапот на Украина до Црното Море ќе бидат главните теми на преговорите.

ИЗДВОЕНИ