Минатата недела, Европската Унија, најголемиот трговски партнер на Израел, предложи санкции со кои делумно ќе се суспендира договорот за слободна трговија, а неколку западни земји веќе воведоа целни санкции против израелски поединци, доселенички населби и организации. Радиодифузерите во Ирска, Холандија и во Шпанија најавија бојкот на Евровизија доколку му се дозволи на Израел да учествува во 2026 година. Музичкиот фестивал во Гент, Белгија, го откажа концертот на Минхенската филхармонија поради настап на израелскиот диригент Лахав Шани
Светот очекува крај на војната во Газа откако израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, во понеделникот го прифати мировниот план што го предложи американскиот претседател Доналд Трамп. Планот од 20 точки предвидува моментален прекин на огнот, ослободување на заложниците и разоружување на Хамас.
– Ако Хамас го отфрли планот или го прифати, а потоа не го спроведе, ние ќе ја завршиме работата – рече Нетанјаху.
Палестинската милитантна група Хамас денеска соопшти дека ќе го разгледа во рамките на групата и со другите палестински фракции пред да даде соопштение, а планот доби поддршка од европските челници, додека Обединетите нации понудија поддршка.
За крај на војната во Газа се молат не само Палестинците, врз кои, според заклучок на ОН, се врши геноцид, туку и Израелците, чија држава токму поради таа војна „заглавува“ во сè поголема изолација. Израел е екскомунициран од светската сцена, како економската така и културната и спортската, пишува Си-ен-ен. Минатата недела, Европската Унија, најголемиот трговски партнер на Израел, предложи санкции со кои делумно ќе се суспендира договорот за слободна трговија. Неколку западни земји веќе воведоа целни санкции против израелски поединци, доселенички населби и организации што го поддржуваат насилството на окупираниот Западен Брег. Франција, Италија, Холандија, Шпанија и Обединетото Кралство воведоа делумно или целосно ембарго за оружје. Во август, норвешкиот државен Инвестициски фонд, најголем во светот, објави повлекување на дел од своите инвестиции од Израел.
Не се поштедени ни културата ни забавата. Радиодифузерите во Ирска, Холандија и во Шпанија најавија бојкот на Евровизија доколку му се дозволи на Израел да учествува во 2026 година, иако израелската телевизија КАН 11 тврди дека музичкото натпреварување „не треба да се политизира“. Исто така, музичкиот фестивал во Гент, Белгија, го откажа концертот на Минхенската филхармонија поради настап на израелскиот диригент Лахав Шани. Во Холивуд, илјадници филмски работници, вклучувајќи ѕвезди како Оливија Колман и Ема Стоун, рекоа дека нема да соработуваат со израелските филмски институции „кои се вклучени во геноцид и апартхејд против палестинскиот народ“.
Израел го изолираат и на полето на спортот. Последната фаза од големата велосипедска трка во Шпанија беше откажана поради протести против учеството на тимот „Израел-премиер Тек“. На шаховскиот турнир во таа земја, на израелските играчи им беше забрането да се натпреваруваат под националното знаме, поради што тие се повлекоа. Во меѓувреме, израелските медиуми известуваат за страв од суспензија од европските фудбалски натпреварувања, а израелскиот министер за култура и спорт, Мики Зохар, потврди дека службениците „интензивно работат“ за да „ја блокираат иницијативата за исклучување на Израел од УЕФА“.
Економските и културните последици врз Израел потсетуваат на притисокот врз Јужна Африка во текот на апартхејдот. Поранешниот израелски амбасадор во Јужна Африка, Илан Барух, кој поднесе оставка во знак на протест против владините политики, верува дека симболичните притисоци имаат големо влијание.
– Евровизија е многу популарна, а фудбалските турнири се многу, многу популарни. И ако само се спомене врската помеѓу притисокот врз Израел во однос на политиката, културата, спортот и така натаму, тоа ќе има влијание – изјави Барух за Си-ен-ен.
Последното Генерално собрание на ОН, кое се одржа минатата недела, дополнително ја нагласи изолацијата на Израел. Неколку западни земји, вклучувајќи ги Франција, Канада и Обединетото Кралство, формално ја признаа палестинската држава. Анализата на гласањето во ОН покажува дека некои од долгогодишните сојузници на Израел го менуваат својот став. Роберт Сатлоф од Вашингтонскиот институт за политика на Блискиот Исток истакнува дека, иако некои земји одржуваат тивки односи со Израел, „трендот би требало да биде загрижувачки“. Во меѓувреме, потерницата издадена од Меѓународниот кривичен суд против Нетанјаху за наводни воени злосторства веќе сериозно ги ограничи неговите патувања.