четврток, февруари 26, 2026
Дома СВЕТ Додека се чека датум за преговори: Трамп навива војната во Украина да...

Додека се чека датум за преговори: Трамп навива војната во Украина да заврши за еден месец, а договор за мир да се потпише до летото

46

Сè уште постојат големи разлики меѓу Украина и Русија, особено околу контролата на териториите на истокот од земјата. Зеленски смета дека ова прашање можат да го решат тој, Трамп и Путин на директни преговори, но портпаролот на Кремљ, Песков, вели дека таква средба би имала смисла само доколку е неопходна за финализирање на конкретни договори

 

Експлозии одекнуваат од Киев до Одеса, а борбите на фронтот стануваат сè пожестоки, додека се чека датумот за продолжување на мировните преговори меѓу Русија и Украина со посредство на САД. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, рече дека во ноќта, меѓу средата и четвртокот, Русија ја нападнала Украина со 420 беспилотни летала и 39 ракети. Во нападите се повредени десетици луѓе, а повторно цел била енергетската инфраструктура.

Според непотврдени најави, преговорите би продолжиле на почетокот на наредниот месец, но има и планови за тоа кога би требало треба да заврши војната. Како што објави „Аксиос“, повикувајќи се на три запознаени извори, во телефонски разговор оваа недела, американскиот претседател Доналд Трамп му рекол на Зеленски дека има желба што е можно поскоро да заврши војната во Украина, со цел да се постигне мировен договор до летото. Трамп, меѓу другото, рекол и дека конфликтот трае предолго, па сака да заврши што е можно поскоро, дури и во рок од еден месец. Но, изворите, исто така, посочуваат дека сè уште постојат големи разлики меѓу Украина и Русија, особено околу територијалната контрола на истокот од земјата.

Овој получасовен телефонски разговор беше првиот контакт меѓу двајцата претседатели по состанокот во Давос на крајот на јануари. Трите извори на „Аксиос“ го опишале како многу пријателски и позитивен. Зеленски му се заблагодарил на Трамп за неговата досегашна помош и му рекол дека само тој може да влијае врз рускиот претседател Владимир Путин да ја запре војната. Една од темите, според изворите, била можна средба на претседателите на САД, Украина и Русија. Зеленски претходно изјави дека другите разлики околу територијалните прашања можат да се надминат само преку директни разговори меѓу него, Трамп и Путин. Трамп, исто така, изразил подготвеност да понуди значајни безбедносни гаранции од САД за Украина како дел од потенцијален мировен договор.

И портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во четвртокот информира дека не е закажана нова рунда преговори, но и дека Москва нема „претерани очекувања“ од тој процес, оценувајќи го како сложен, за кој е потребно време. Во интервју за руската државна телевизија, тој истакна дека евентуална средба помеѓу Путин, Трамп и Зеленски би имала смисла само доколку е неопходна за финализирање на конкретни договори. Тој се осврна и на претходните изјави на украинскиот претседател, нагласувајќи дека Киев јасно го артикулирал својот став за тоа „на што никогаш нема да се согласи и што има намера да направи понатаму“. Според Песков, токму оваа позиција го прави сомнително одржувањето на средба на највисоко ниво.

Последен пат трилатерални мировни преговори се одржаа на 16 и 17 февруари во Женева, а специјалниот американски претставник, Стив Виткоф, најави дека новата средба може да се очекува за десетина дена.

Украина и Русија, во текот на вчерашниот, ден разменуваа посмртни останки на војници, што е едно од ретките подрачја на соработка меѓу Москва и Киев. Советникот на Кремљ и руски преговарач, Владимир Медински, на „Телеграм“ се пожали дека Русија ѝ предала на Украина посмртни останки на илјада војници, додека Украина, за возврат, ги предала телата на само 35 војници.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ