Путин даде наредба да се тестираат постројките за лансирање на нуклеарните боеви глави, што во зовриената ситуација се протолкува како најава за нуклеарна војна. Околу 20 американски нуклеарни оружја се во Германија, модернизирани и подготвени за употреба. Сепак, експертите предупредуваат дека нуклеарното одвраќање што го нудат САД не е гаранција и веруваат дека дел од ова оружје наскоро би можело да се премести во балтичките држави, Полска или во Романија.
Нуклеарно оружје е употребено само двапати досега, во Втората светска војна, но неговото влијание врз историјата и меѓународната политика е огромно. Нуклеарни боеви глави денеска поседуваат девет земји: САД, Русија, која го има најмногу, Кина, Франција, Велика Британија, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја. Овие држави имаат приближно 12.331 нуклеарни боеви глави, со преку 9.600 во активни воени резерви, според „Статусот на нуклеарните сили во светот за 2025 година“ на Федерацијата на атомски научници. Иако е ова значителен пад во однос на приближно 70.000 боеви глави што ги поседуваа државите со нуклеарно оружје за време на Студената војна, се очекува нуклеарните арсенали да растат во текот на следната деценија, а денешните сили се многу поспособни.
Нуклеарната вооруженост стана особено актуелна по руската инвазија на Украина, а многумина си го поставуваат прашањето кој би пукал прв. Рускиот претседател Владимир Путин даде наредба да се тестираат постројките за лансирање на нуклеарните боеви глави, што во зовриената ситуација се протолкува како најава за нуклеарна војна. САД и Европа, пак, се преокупирани со тоа каде треба да го распоредат нуклеарниот арсенал што го поседуваат. Околу 20 американски нуклеарни оружја се во Германија, модернизирани и подготвени за употреба.
Сепак, експертите предупредуваат дека нуклеарното одвраќање што го нудат САД не е гаранција и веруваат дека дел од ова оружје наскоро би можело да се премести во балтичките држави, Полска или во Романија. Американските нуклеарни бомби се бомби со слободен пад и може да се лансираат од борбени авиони како што е „Еврофајтер“. Нивната моќ е разорна. Ова оружје е дел од обврската на САД за нуклеарна безбедност кон европски сојузници. Но, со растечките сомневања за двосмислениот став на претседателот Доналд Трамп кон НАТО, во Европа расте загриженоста дека Вашингтон би можел да се двоуми или дури и да се повлече во случај на криза.
– Никогаш не било и никогаш не може да биде сигурно дека САД, всушност, ќе користат нуклеарно оружје. Нема гаранција. Но, важно е непријателот да не може да ја исклучи оваа можност – вели германскиот експерт за безбедност, Карл-Хајнц Камп.
Се верува дека САД донеле ново нуклеарно оружје во Европа ова лето, според неколку американски медиумски извори. Маршутите на летот и купувањето на специјални авиони Ф-35 способни да носат тактичко нуклеарно оружје се показатели за ова. Германија, исто така, нарачала авиони Ф-35, од кои првиот ќе биде испорачан во 2026 година. Американското нуклеарно оружје е складирано во Европа уште од Студената војна во земји како Белгија, Холандија, Италија, Турција и, во поново време, Велика Британија. Се проценува дека има околу 100 парчиња, но точниот број сè уште е непознат, пишува „Либертатеа“.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, рускиот претседател Владимир Путин постојано се заканува дека ќе употреби нуклеарно оружје. Русија поседува приближно 5.500 нуклеарни боеви глави и ги користи политички да го одврати Западот од мешање во војната во Украина. Но, Камп се сомнева дека Путин, всушност, би дал наредба за употреба на нуклеарно оружје.
– Кој ќе пука прв, вториот умира. Тоа не е пожелна состојба, вели тој.
Додава дека постои и можност за преместување на европското нуклеарно оружје во балтичките земји, во близина на руската граница или во Полска и Романија, како јасен сигнал до Русија. Иако Германија теоретски би можела да произведе свое нуклеарно оружје, тоа би било политичка „катастрофа“, особено поради историската одговорност, објаснува Камп. Во моментов, Германија е заштитена во рамките на НАТО од нуклеарните арсенали на Франција и Велика Британија, дури и без САД.
Полска постојано бараше од САД да преместат нуклеарно оружје на нејзина територија. Но, според анализата на „Либертатеа“, Русите повеќе се плашат дека Франција би можела да премести нуклеарно оружје во Романија. Друга опција што руската пропаганда ја разгледува е фактот дека Франција би била поподготвена да го прошири „нуклеарниот чадор“ кон Романија.
Високиот руски експерт Алексеј Тихачев од Центарот за стратешки студии, Париз ќе дејствува претпазливо за да не ја иритира Русија со префрлање на нуклеарно оружје толку блиску до Санкт Петербург и да избегне директна ескалација.











