Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер, ремизирааше против данскиот ГОГ Гудме 28:28 (15:11) во натпреварот од 12. коло на Лигата на шампионите. Натпреварот во Данска понуди огромна драма, а херој на пелистерци беше голманот Никола Митревски, кој блесна особено во вториот дел и со своите интервенции го водеше тимот. На крајот ГОГ беше поблизу до победата, меѓутоа избраниците на Стевче Алушовски се изборија за бод. Со овој резултат пелистерци математички останаа во игра за плеј-офот, меѓутоа тоа е многу тешко бидејќи во последните две кола го пречекуваат ПСЖ и ѝ гостуваат на Барселона.
„Лошо го отворивме натпреварот, премногу споро и без идеја, со промашени чисти шутеви, а Данците тоа го казнија. Затоа првиот дел беше во знакот на предност за ГОГ. Оној карактер што го покажавме против Висла, сега го надградивме со тактичка дисциплина и повеќе идеја во напад.
Немаме време за драстични промени, одиме од ден во ден и задоволен сум како се менуваат работите. Одлично се справивме на нивната игра 7 на 6, каде што други екипи имаа многу проблеми. Користевме многу играчи во ротација, што е позитивно, а од Гаховац добивме многу. Имаме лидер, имаме карактер и оптимист сум за следниот дел од сезоната, изјави Алушовски и додаде:
„Додека постоти теорија за пласман во нокаут – фазата, ние ќе се бориме. Жал ми е за натпреварот со Висла, бидејќи во првото полувреме не бевме вистински – бевме во грч и подолг период не бевме заедно како тим. Ова беше далеку подобар натпревар и им честитам на момците за се што покажаа. Ни претстои макотрпна работа, вели Алушовски.
Никола Митревски беше вистински херој на Еурофарм Пелистер со 13 интервенции, повеќето во вториот дел. Во нападот се истакна Андреј Видомски со седум гола, додека по шест дадоа Филип Кузмановски и Никола Граховац. Во данскиот тим најмногу се истакна Оли Митун со седум гола.












