вторник, февруари 24, 2026
Дома СВЕТ Додека нема нафта, нема пари за Украина, се закани Орбан

Додека нема нафта, нема пари за Украина, се закани Орбан

25
EPA/HUNGARIAN PM'S GENERAL COMMUNICATION DEPARTMENT HANDOUT HUNGARY OUTHANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Будимпешта нема да ја поддржи финансиската помош за Украина сè додека не се обнови снабдувањето со нафта преку нафтоводот Дружба, објави Анадолија.

Зборувајќи во Шулшап, Орбан изјави дека, иако Украина технички го ставила нафтоводот во функција, ги прекинала испораките за Унгарија од политички причини. Тој нагласи дека неговата влада нема да се согласи на таков пристап.

„Додека нафтата не тече низ Дружба, нема да има пари за Украина“, рече тој преку социјалната мрежа X. Тој исто така предупреди дека, без активирање на стратешките резерви, цените на горивата би можеле да достигнат 1.000 форинти (околу 2,64 евра) за литар веќе следната недела.

Орбан истакна дека Унгарија нема да дозволи да биде ставена во неповолна положба и потсети дека Будимпешта веќе ги прекина испораките на дизел за Украина и го информираше Брисел дека е подготвена да блокира пакет помош вреден 90 милијарди евра. Тој повтори дека Унгарија се залага за мир, а не за ескалација и дека нема да ја поддржи економската помош сè додека не се нормализира транзитот на нафта.

Транспортот на нафта за Унгарија и Словачка беше прекинат на 27 јануари по нападот на Дружба. Владите во Будимпешта и Братислава го обвинија Киев за политичка злоупотреба на ситуацијата и спречување на продолжување на испораките. Како одговор, двете земји го прекинаа извозот на дизел во Украина.

ИЗДВОЕНИ