Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, рече дека предупредувањето е последна шанса луѓето да се преселат во јужна Газа, бидејќи армијата го опколила градот. Агенцијата за цивилна заштита на Газа соопшти дека израелските сили убиле најмалку 46 лица, вклучувајќи 36 во градот Газа. Планот на Трамп за Газа бил изменет во последен момент, пред да биде презентиран на 20 септември, открива „Мидл ист ај“. Според извори на веб-страницата, цела недела пред објавувањето планот го разгледувале лидери од Блискиот Исток и се согласиле со него, но кога излегол пред јавноста, бил поинаков
Додека милитантната група Хамас размислува да побара измени во планот на американскиот претседател, Доналд Трамп, кој се однесува на мирот во Газа, израелската армија издаде „последно предупредување“ до жителите на истоимениот град да се евакуираат. Во исто време, бомбардирањето на градот се интензивира, јави „Гаридјан“.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, рече дека предупредувањето е последна шанса луѓето да се преселат во јужна Газа, бидејќи армијата го опколила градот. Агенцијата за цивилна заштита на Газа соопшти дека израелските сили убиле најмалку 46 лица, вклучувајќи 36 во градот Газа.
– Ова е последна шанса за жителите на Газа што сакаат да го сторат тоа – да се преселат на југ и да ги остават оперативците на Хамас изолирани во градот. Оние што ќе останат, ќе се сметаат за терористи и поддржувачи на тероризмот – рече тој.
Експертите за меѓународно хуманитарно право изјавуваат за „Гардијан“ дека наредбите за евакуација претставуваат присилно раселување и дека цивилите што остануваат во евакуираните области, не го губат својот заштитен статус според меѓународното право. Израелската армија претходно објави за затворање на последната преостаната маршрута за жителите на јужна Газа да се движат кон север. Жителите на север сè уште можат да се движат кон југ по крајбрежната маршрута за да избегаат од израелската офанзива, соопшти армијата.
Според некои извори, на Хамас наводно не му одговара тоа што планот на Трамп повикува Хамас да се разоружи и да се откаже од каква било управувачка улога во Газа. Трамп во вторникот изјави дека групата ќе „страда во пеколот“ ако го отфрли планот.
Планот на Трамп за Газа бил изменет во последен момент, пред да биде презентиран на 20 септември, открива „Мидл ист ај“. Според извори на веб-страницата, планот цела недела пред објавувањето го разгледувале лидери од Блискиот Исток и се согласиле со него, но кога излегол пред јавноста, бил поинаков. Според изворите на „Мидел ист ај“, најголемо изненадување предизвикале промените во врска со бројот на Палестинци што треба да бидат ослободени како дел од договорот и фазниот пристап кон израелското повлекување од палестинската енклава. Со овие измени, се чини дека Трамп сакал да се усогласи повеќе со желбите на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху. Иако првично беше планирано да бидат ослободени стотици палестински затвореници заедно со 1.700 притвореници од Газа, сега ќе бидат ослободени само 250 затвореници. Исто така, оригиналните нацрти налагале влез на 600 камиони со помош во Газа дневно, додека нејасно формулираната нова верзија не содржи таква обврска. Има промени и во делот за управувањето. Газа ќе биде управувана од комитет за мир, предводен од Трамп и од поранешниот британски премиер, Тони Блер, без да има меѓународни консултации. Во меѓувреме, на Меѓународните сили за стабилизација (ISF), кои требаше да ја обучуваат палестинската полиција, одеднаш им беа дадени проширени овластувања, кои укажуваат на зголемена израелска контрола. Повлекувањето на израелските трупи стана постепено и без јасни рокови, а додавањето „безбедносна зона“ околу периметарот сигнализира на можноста за трајно присуство во Газа.
Израел: Грета Тумберг и активистите од флотилата со помош за Газа ќе ги депортираме во Европа
Израелските сили во средата запленија неколку брода од „Глобална флотила Сумуд“, кои се обидуваа да достават хуманитарна помош во Газа, вклучувајќи го и бродот со шведската климатска активистка, Грета Тунберг. Во флотилата, која е составена од повеќе од 40 цивилни брода, има околу 500 пратеници, адвокати и активисти.
Активистите објавија дека се пресретнати и заробени, а Израел соопшти дека Грета Тунберг и нејзините коактивисти ќе бидат депортирани во Европа откако ќе бидат донесени на израелска територија.
– Патниците на Хамас-Сумуд на своите јахти безбедно и мирно се упатуваат кон Израел, каде што ќе започнат процедурите за нивна депортација во Европа. Патниците се безбедни и во добра здравствена состојба – соопшти вчера израелското Министерство за надворешни работи.