четврток, февруари 5, 2026
Дома МАГАЗИН Додека чека да стане среќна мајка, Александра Јанева има нов мега-хит „Сестро“...

Додека чека да стане среќна мајка, Александра Јанева има нов мега-хит „Сестро“  

236

Радосни настани во нејзиното семејство! Пејачката има голема причина за совршено расположение. Од доверливи извори дознаваме дека наголемо се подготвува првпат да се реализира како мајка. Многумина констатираат дека токму бременоста ја разубави. Заедно со сопругот Иван, поранешен ракометар, со нетрпение чекаат да бидат родители на една мила принцезичка!

Александра Јанева не само што е победничка на фестивалот „Макфест“ туку има и мошне моќен глас и моќна интерпретација, од која ви надоаѓаат пеперутки во стомакот. Едно без друго не оди. Иако е со диплома на стоматолог (рака на срце, затоа е со прекрасната насмевка со прекрасните заби), струмичанката Јанева, со скопска адреса на живеење, отсекогаш ја сакала музиката повеќе од стоматологијата.

Нејзината најнова песна, „Сестро“, која деновиве се врти низ етерот на радиостаниците е најава за новиот албум. Песната е, всушност, порака до целиот женски род. Музиката, аранжманот и целосната музичка продукција за „Сестро“ се дело на Лазар Цветкоски, додека текстот е потпишан од Луна Ристиќ, која со внимателно одбрани зборови ја раскажува приказната за жените како најнежни суштества. Песната го има и своето видеоиздание во режија и монтажа на искусниот Огнен Шапковски. Директор на фотографијата е Кристијан Теодоров. Спотот е мошне интересен, па секој што го има видено вели дека го гледа и по неколку пати во текот на денот.

– Сестра е секоја жена која ти подала рака, секоја пријателка која ти помогнала во животот, која ти ги отворила очите да ја откриеш сопствената вредност. Оваа 2026 година, која стартува во знакот на „Сестро“, ќе биде исполнета со многу нова музика, нови песни, раскажува расположената Александра Јанева.

Таа, не само што вообичаено расположена туку е совршено расположена. А, оваа разубавена пејачка има голема причина за тоа. Од доверливи извори дознаваме дека наголемо се подготвува првпат да стане мајка! Многумина констатираат дека токму бременоста ја разубави.Заедно со сопругот Иван, поранешен ракометар, со нетрпение чекаат да се реализираат како родители на една мила и прекрасна принцезичка, која за некој месец ќе ја здогледа оваа планета Земја. Поради бременоста, логично е што Александра ги намали бројот на настапите. Се грижи не само за своето туку и за здравјето на бебето. Најчесто многу пешачи, а со тоа ја одржува физичката кондиција.

Пред да ја сними песната „Сестро“, Јанева долго време беше  актуелна со кавер верзијата на македонскиот забавен евергрин „Ми подаваш рака… и секогаш така, кога тажна сум….Во таа твоја рака гасне мој’та мака, јас спокојна сум…“  Култната песна „Ми подаваш рака“ е снимена во далечната 1978 година, а првично ја отпеа легендарната Даниела Панчетовиќ на еден од скопските фестивали. Новиот помодерен аранжман за стариот хит, пак, го напиша Лазар Цветковски, додека оригиналната музика е на Мане Колев, а текстот е на генијалниот Ѓоко Ѓорѓиев, кого публиката го памти и како водител на радиоемисијата „Три гонга“, мошне слушана во тоа време. „Ми подаваш рака“ исто така има видеозапис во реализација на одличниот Даниел Јовевски. Снимен е во преубавиот Охрид, во летната атмосфера и има огромен број прегледи на јутјуб-каналот.

Дуле МИЌИЌ / фото:архива

 

 

ИЗДВОЕНИ