ДОДЕКА АНКЕТИТЕ ПОКАЖУВААТ ТЕСНА ТРКА МЕЃУ КАНДИДАТИТЕ НА ВРЕДИ И НА ДУИ: Одлуката за градоначалници на Чаир и на Тетово во рацете на Македонците

Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека меѓу главните кандидати има разлика од само два-три проценти, што создава ситуација дека во овие општини решавачки ќе бидат гласовите на избирачите Македонци. Аналитичарите укажуваат дека најважна ќе биде мотивираноста на македонските гласачи да излезат на гласање и дека премиерот Христијан Мицкоски особено се ангажира околу тоа

1097

Најавите дека гласовите на етничките Македонци ќе решаваат за изборот на градоначалници во општините каде што живее албанско население во значително мнозинство, почнаа да се остваруваат. Она што го најавуваше весникот ВЕЧЕР уште во периодот пред почетокот на изборната кампања, како можност со оглед на структурата на населението во најмалку осум општини, според пописните резултати пред четири години, сега се потврдува. Сега тоа го покажуваат и последните анкети направени во општините Чаир и Тетово, каде што ќе се водат решавачки битки за победник во албанскиот политички блок. Истражувањата на расположението на граѓаните што ги направи Институтот за политички истражувања, а беа објавени на Македонската телевизија, во емисијата „Објектив“, покажуваат тесна разлика меѓу главните ривали – коалицијата Вреди и Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ. Така, анкетата направена овој месец, на околу илјада испитаници во Тетово, покажа дека во вториот круг на гласањето за кандидатот на Вреди, Билал Касами, би гласале 25,6 проценти од граѓаните, а за кандидатот на интегративците, Бајрам Реџепи, 23 проценти од тетовци со право на глас. Таму, одлука сè уште не ја донеле 44,4 проценти од избирачите. И анкетата спроведена на подрачјето на скопската општина Чаир покажа тесна предност на кандидатот на Вреди во однос на оној на НАИ. Така, за актуелниот вицепремиер, Изет Меџити, својот глас во вториот круг би го дале 28,8 испитаници, додека за ексминистерот Бујар Османи 25,4 отсто, а 47,2 проценти сè уште не одлучиле за кого ќе гласаат.

Практично, изборната трка меѓу двајцата кандидати во Тетово и во Чаир ќе биде целосно неизвесна кога се работи за гласовите на етничките Албанци. Во таква ситуација, решавачка улога, извесно, ќе имаат гласовите на припадниците на другите етнички заедници што живеат на подрачјето на таквите етнички мешани општини. А, пописните резултати покажуваат дека најголемо влијание ќе има определбата на етничките Македонци со оглед на нивната застапеност во Тетово, Чаир, но и во други општини во кои живее албанското население во мнозинство. Ова најдобро се гледа од фактот што пред четири години било преброено дека во Тетово, меѓу вкупно 84.770 жители, имало 60.460 граѓани што се изјасниле како етнички Албанци и 15.529 како етнички Македонци. Во скопски Чаир, пак, има 42.180 Албанци и 5.357 Македонци, што значи дека неалбанското население може силно да влијае на нечиј избор за градоначалник.

Во ваква ситуација, најважно станува какви се партиските определби на македонското население во овие и во другите мешани општини и дали ќе биде мотивирано тоа да излезе на гласање. Владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, уште пред почетокот на кампањата соопшти дека таа и коалицијата Вреди меѓусебно ќе се поддржуваат кога е изборот на градоначалници во прашање. Најголемата опозициска партија, СДСМ, пак, досега не соопшти кого би поддржала. Последните анкети покажаа дека во Општина Тетово, ВМРО-ДПМНЕ има рејтинг од 8,2 проценти, а СДСМ 2,1 отсто. Во Чаир, владејачката партија има поддршка од 6,1 отсто од гласачите, а СДСМ 1,9 проценти. Политичките аналитичари укажуваат дека македонските гласачи, во анкетата, се сместени меѓу оние што изјавиле дека „сè уште не знаат и не донеле одлука за кого ќе гласаат“.

– Сега најважно прашање е дали ќе бидат мотивирани тие етнички македонски гласачи да излезат на гласање. Се гледа дека премиерот Христијан Мицкоски вложува напор да ги мотивира да излезат на гласање за да гласаат за кандидатот на коалицијата Вреди. Оттаму и неговата силна конфронтација со ДУИ, силно зборување против оваа партија, отфрлање на можноста да има нејзин влез во Владата и евентуални предвремени парламентарни избори. Со таквиот антагонизам, Мицкоски сака да ги мобилизира Македонците. Имајќи ги предвиде тесните резултати во анкетата меѓу Вреди и НАИ, јасно е дека Македонците може да го решаваат победникот во Тетово, Чаир, но и во други општини – објаснува аналитичарот Петар Арсовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

За ова, се чини, стануваат свесни и во таборот на коалицијата НАИ предводена од ДУИ. Врзано со ова, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на завчерашниот партиски собир во Боговиње ги предупреди граѓаните да гласаат според своето убедување.

– Како може да биде избран градоначалник на Тетово ако гласовите ѝ припаѓаат на другата заедница? – истакна Ахмети.

Тој зборуваше и за влијанието на премиерот Христијан Мицкоски во општините со албанско мнозинство. Нагласи дека во Струга, Тетово и во Чаир, кандидатите се поддржани од Мицкоски и дека тој е многу посветен во овие области.

–  Мицкоски ги поддржува независните кандидати. Во Струга, кандидатот е Христијан, во Тетово е Христијан, во Чаир е Христијан. Тој работи повеќе од нив – рече Ахмети, повикувајќи на „единство и посветеност во заштитата на албанските интереси“.

ВЕЧЕР неодамна пишуваше дека гласовите на етничките Македонци може да бидат решавачки уште во шест други општини во кои како мнозинство живее албанско население. Во Струга има вкупно 50.980 жители, од кои 25.785 се Албанци, а 14.900 Македонци. Во случајот на Гостивар, се чини, покрај гласовите на Македонците, ќе бидат клучни и гласовите на етничките Турци, бидејќи меѓу вкупно 59.770 граѓани, има 33.076 Албанци, 12.807 Македонци и 7.597 Турци. Во Теарце, пак, гласовите на 2.114 Македонци може да станат клучни при изјаснувањето на 14.704 Албанци. Слична е ситуацијата и во Долнени, каде што има 4.442 Албанци и 3.831 етнички Македонци, во Чашка со 4.032 Албанци и 3.071 Македонец и во Дебар со 8.438 Албанци, 1.155 Македонци и со 2.733 Турци. (Б. Ѓ.)

Комбинаторики околу Кичево

Се чини, многу неизвесна битка, но и битка со посебни комбинаторики ќе се води околу тоа кој ќе победи на трката за градоначалник на Кичево. Таму, познато е, кандидати се актуелниот министер за социјална политика – Фатмир Лимани од Вреди, актуелниот градоначалник – Фатмир Дехари од НАИ, Александар Јовановски од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и независниот кандидат Шкодран Алили. Во оваа општина, според пописот, има 16.373 Албанци, 16.020 Македонци и 2.553 Турци. Оттаму и бројните дилеми што може да се случи во финалниот круг на гласањето. За ова, многу ќе биде важно како ќе гласаат симпатизерите на СДСМ, кој нема свој кандидат, но и како ќе гласаат етничките Турци.

– Многу е важно за кого ќе се определат гласачите како во првиот така и во вториот круг на гласањето. Под претпоставка дека во вториот круг ќе влезе еден етнички Албанец од Вреди или од НАИ и етнички Македонец предложен од ВМРО-ДПМНЕ, за изборот на градоначалник ќе биде важно дали ќе има сплотувања во албанскиот и во македонскиот блок. А, одозгора, ќе биде важно и како ќе гласаат Турците – наведува аналитичарот Арсовски.

ВМРО-ДПМНЕ неодамна, со одлука, се договори со Демократската партија на Турците на Македонија за заемна поддршка на нивните кандидати за градоначалници. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, на прексиноќешниот митинг во Кичево, повика на единство.

– Сега мора да застанеме еден до друг, сите заедно еден до друг, без разлика на нашата етничка, партиска или верска припадност. Сложно, затоа што кичевци, без разлика дали се тоа Македонци, Албанци или останати, се иселуваат. И едните, и другите и третите. Сите  имаат тежок живот, сите сакаат иднина – истакна Мицкоски, критикувајќи го лидерот на ДУИ, Али Амети, дека се богател со своите соработници додека народот страдал и се раселувал.

ИЗДВОЕНИ