Есенската сеидба на јачменот и на пченицата во Источна Македонија е во застој поради обилните врнежи од дожд што ги поплавија нивите. Досега останаа непосеани околу 40 % од површините планирани за засејување со житни култури.
Земјоделците стравуваат дека задоцнетата есенска сеидба ќе значи и помалку произведено количество јачмен за стоката и лебно зрно за луѓето.
Експертите предлагаат земјоделците да почнат со сеење на пролетни или на факултативни сорти на житни култури кои можат да виреат и во зимскиот и во пролетниот период. Според нив, земјоделците предност ѝ даваат на есенската сеидба, зашто приносите на житните култури се повисоки. Просечно годишно македонските земјоделци произведуваат околу 250.000 тони пченица, но овие приноси не се доволни. За да се покријат основните потреби на населението, пченица увезуваме од странство.












