Полициско-инспекциската акција во Струмица, при која беа запленети 31 килограм изгорен бакар, откри сериозен еколошки и здравствен проблем. За добивање на оваа количина бакар, биле изгорени околу 29 килограми ПВЦ- изолација, при што биле ослободени кисели гасови, диоксини и канцерогени честички во воздухот. Според експертските процени, ваквото согорување создава до 17 килограми хлороводороден гас и други високотоксични соединенија. Последиците не се моментални, туку долгорочни, бидејќи дел од овие отрови со години остануваат во почвата, храната и во воздухот. Случајот повторно ја наметнува потребата од построги контроли и од поголема јавна свест за опасностите од нелегалното палење отпад
Неодамнешната полициско-инспекциска акција во Струмица, во која беа приведени лица за нелегално палење ПВЦ-кабли и беа запленети 31 килограм изгорен бакар, повторно го отвори прашањето за неконтролираното загадување на воздухот и за недоволната заштита на јавното здравје.
Според техничките процени, за да се добијат 31 килограм бакар од електрични кабли со ПВЦ-изолација, потребно е да се отстранат околу 29 килограми пластична изолација. Кога се отстранува оваа изолација со палење на отворено, во атмосферата се ослободуваат исклучително токсични и канцерогени материи, кои директно го загрозуваат здравјето на граѓаните.
Струмичанецот Мите Белмезов во објава на социјалните мрежи сликовито појаснува што се создава точно при согорувањето ПВЦ (polyvinyl chloride). Според него, при палењето ваква пластика се ослободува хлороводород (HCl) – корозивен кисел гас што ги оштетува дишните патишта, како и диоксини и фурани – супстанции со исклучително силно канцерогено дејство. Дополнително, се создава и јаглерод моноксид (CO), смртоносен гас дури и во мали концентрации, јаглерод диоксид (CO₂), како и саѓи и ПМ-честички со тешки метали и токсични соединенија.
Приближните пресметки покажуваат дека согорувањето 29 килограми ПВЦ може да ослободи околу 17 килограми HCl-гас, околу 40 килограми CO₂, до 2 килограми јаглерод моноксид, како и милиграми и грамови диоксини. Иако по маса мали, овие соединенија имаат огромна токсичност и може да контаминираат големи површини и да предизвикаат долгорочни здравствени последици. Дополнително, при согорувањето се создаваат од 0,5 до 1,5 килограми саѓи и ПМ-честички со врзан хлор, метали и органски отрови.
Експертите предупредуваат дека диоксините се таложат во почвата, водата и во храната, остануваат активни со години и се поврзуваат со појавата на рак, хормонално нарушување и оштетување на имунолошкиот систем. Киселите гасови и ПМ-честичките, пак, директно го влошуваат квалитетот на воздухот, особено во густонаселените средини.
Инаку, инспекциските служби на Општина Струмица, во координација со полициските службеници од МВР Струмица, ги одзедоа тие 31 килограм бакар од три физички лица. За еден правен субјект што управувал со отпад без соодветна дозвола е поведена постапка за спогодување пред Комисијата при Министерството за животна средина и просторно планирање.
Дополнително, комуналните инспектори им изрекоа на шест физички лица прекршочни глоби во износ од 50 евра, додека од страна на инспекторката за животна средина им беа изречени глоби на четири лица, од по 250 евра, согласно со Законот за управување со отпад, поради согорување отпад на отворено.
Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, упати апел до граѓаните за активна соработка и за навремено пријавување на ваквите појави, со цел заедничка заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на животот.
Инаку, поливинил хлоридот е трет најпроизведуван синтетички полимер во светот, со годишно производство од околу 40 милиони тони. Поради неговата широка употреба, особено во електричните кабли, неговото неправилно отстранување претставува сериозен еколошки и здравствен ризик и овој случај уште еднаш го потврдува тоа.
(С. Бл.)












