– Сакам да работам со добри режисери. Режисери со кои можам да остварам посебна врска, но, се разбира, треба да ми се допаѓа и она што го работат. Но, најважно е дека треба да им помогнам да ја остварат својата замисла – да го постигнат она што го сакаат, да се најдат себеси во процесот на работа и притоа да се исполнети. И режисерите треба да се пронајдат во соработката со мене и да сакаат да работат со мене повеќе отколку јас со нив – рече иранско-францускиот кинематографер Дариус Конџи, добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на 46. ИФФК „Браќа Манаки“, на денешната прес-конференција во Битола.
Образложувајќи ја одлуката Конџи да биде лауреат на годинашниот „Браќа Манаки“, фестивалот истакна: „Мал е бројот на кинематографери во светот за кои може да кажеме дека соработувале со филмски мајстори, врвни режисери, и тоа: Жан-Пјер Жене, Дејвид Финчер, Бернардо Бертолучи, Роман Полански, Дени Бојл, Нил Џордан, Сидни Полак, Вуди Ален, Џејмс Греј, Бонг Џун Хо, Вонг Кар-Ваи, Алехандро Гонсалес Ињариту, Ари Астер и браќата Сафди, кои во плодната соработка создале неповторливи филмски остварувања. Тоа значи дека само еден е Дариус Конџи, врвен естет, кој, според сите критериуми, ја заслужува „Златната камера 300“ за животен опус и кој до ден-денес ги поместува границите на кинематографската дејност, создавајќи дела за паметење“.
Пред присутните на прес-конференцијата, Конџи, покрај за соработката со режисерите, зборуваше и начинот на кој работи на филм, за снимањето видеоспотови, но и за импресиите од Македонија.
Посочи дека во постпродукцијата на филмот потребна е целосна вклученост на режисерите.
– Тоа е поважно за нив отколку за мене, затоа што е добро да бидат вклучени во секој сегмент од работата за да можеме, во крајниот резултат, да ја пренесеме порака – додаде кинематограферот.
Како кинематографер, ги потпишува филмовите „Седум“ (Seven) и „Соба за паника“ (The Panic Room) на Дејвид Финчер, „Украдена убавина“ (Stealing Beauty) на Бернардо Бертолучи, „Евита“ (Evita) на Алан Паркер, „Деветтата порта“ (The Nineth Gate) на Роман Полански, „Плажата“ (The Beach) на Дени Бојл, „Сѐ друго“ (Anything Else) на Вуди Ален…
Снимал насекаде во светот, но многу му се допаднала работата во Мексико.
– Пред неколку години, работев во Мексико и потоа режисерот ми стана многу добар пријател. Навистина ги сакам земјата и народот и сметам дека таа земја е мошне моќна емотивно. Јас сум половина Персиец, половина Иранец, имам и француски дел во себе и често ми велат дека е чудна таа поврзаност со Мексико. Од она малку што имав можност да го видам во Македонија, почнувам да го имам истото чувство. Патував ноќе и денеска, кога се разбудив и кога го видов градот, веднаш добив едно пријатно чувство – рече Конџи и посочи дека многу му се допаѓа македонскиот јазик и жали што не го зборува.
Вели и дека заедно со режисерот одлучува со каква камера ќе работи.
– Не мислам дека сам би можел да донесам таква одлука, секогаш е тоа во координација со режисерот. Сакам кога одлучуваме заедно, и тоа од повеќе причини. Последниот филм ќе биде готов кон крајот на декември и него го снимавме со дигитална камера, бидејќи имавме малку снимачки денови. Сепак, ова е креативен процес и работите со она што го имате. Најважно е да ги пренесете ликовите, да ја пренесете приказната, а не е најважно со кој медиум ќе го направите тоа. Сепак, за мене, филмската лента е пооргански начин, но последниот пат искусив нешто што го немав искусено претходно, така што ова е едно отворено поле каде што треба да ја пренесеме нашата креативност – додава Конџи.
Конџи има снимено и голем број музички видеоспотови со реномирани музички поп-артисти како: Мадона, Џеј-Зи, Лејди Гага, Тејлор Свифт, Еминем. Номиниран е за два „Оскари“ – за најдобра кинематограферска дејност за „Евита“ и за „Бардо“ и една номинација за наградата БАФТА.
Во преполното кино „Манаки“ во Битола тој денеска одржа и инспиративен мастерклас пред студенти, филмски професионалци и љубители на филмската уметност.
Конџи говореше за почетоците со 8 мм камера, но и за своите соработки со врвни режисери на светската сцена. Меѓу нив, го истакна Дејвид Финчер и неговата работа на филмот „Se7en“, која го оставила длабоко импресиониран.
„Првиот впечаток кога го видов сценариото ми беше фантастично. Тоа беше основен елемент за создавање на филмот. Сакам енигма, сакам темни места во приказните,“ објасни Конџи.
Говорејќи за своите филмски искуства, тој сподели и анегдоти од снимањето на Delicatessen, Stealing Beauty, Alien: Resurrection, Ninth Gate, The Beach и The Interpreter. Конџи истакна дека секој проект носи различни предизвици, од ограничен буџет до специфични услови за снимање, како во случајот со The Interpreter, каде добиле дозвола да снимаат во Обединетите нации само во време на викендите.
„Немавме дозвола да снимаме во зградата на Обединетите нации, тоа беше во време на Кофи Анан. Сепак, на крајот добивме дозвола да снимаме, ни беше даден ОН само за викендите. Беше неверојатно искуство да се снима во овој објект, тоа е многу убаво место за снимање филм. Го знаев секое ќоше, знаев каде ќе ми стои секое светло. Беше привилегија да се снима таму. Никол Кидман и Шон Пен беа фантастични актери“, истакна Конџи.
На прашање од студент во публиката за тоа, дали работата на режисерот и кинематограферот треба да се оддели, Конџи нагласи:
„Треба да мислиш дека кога се снима филм, буквално се` е твоја работа. Развивај се себеси преку работа со оној кој е најинтересен за твојот развој. Прифати се себеси, сум го правел тоа и јас, иако сум паѓал многу пати. Кога треба да се изберат леќи за снимање, ги избирам заедно со режисерот. Не сум сам во процесот, во снимањето филм сме секогаш „Ние“.