Добитничката на Нобелова награда за мир му ја посвети својата награда на Доналд Трамп

89
EPA/MIGUEL GUTIERREZ

Венецуелката Марија Корина Мачадо, овогодишната добитничка на Нобелова награда за мир, ја посвети својата награда на страдалниот народ на Венецуела и на претседателот на САД.

Телефонски повик ја разбуди Мачадо среде ноќ за да ѝ каже дека ја освоила Нобеловата награда за мир оваа година.

„О, Боже мој, о, Боже мој“, повтори Марија Корина Мачадо во телефонски разговор со директорот на Норвешкиот Нобелов институт, чиј глас трепереше и солзи му се надополнуваа додека тој ѝ ја соопшти веста.

Таа беше многу поелоквентна подоцна кога напиша на социјалната мрежа „X“ дека „ова огромно признание за борбата на сите Венецуелци е поттик да ја завршиме нашата задача: освојувањето на слободата“.

Таа нагласи дека венецуелскиот народ е на работ на победата и дека денес, повеќе од кога било, тие сметаат на американскиот претседател Доналд Трамп, народот на Соединетите Американски Држави, народите на Латинска Америка и демократските нации во светот како свои главни сојузници во постигнувањето слобода и демократија.

Во последователна објава, Мачадо ја посвети наградата на страдалниот народ на Венецуела и на американскиот претседател Трамп „за неговата решителна поддршка за нашата кауза“.

Во подоцнежната официјална изјава објавена на нејзиниот профил на „Икс“, немаше никакво споменување на Трамп.

Кандидатурата на Мачадо беше поддржана од сегашниот државен секретар на САД, Марко Рубио, и амбасадорот на САД во ОН, Мајк Валц, со нивните потписи и писма до Нобеловиот комитет во 2024 година.

Порано денес, Белата куќа го изрази своето незадоволство што Трамп не ја доби Нобеловата награда, оценувајќи дека Нобеловиот комитет ја ставил политиката пред мирот.

ИЗДВОЕНИ