Американецот Исак Дулгаријан (29), борецот чиј пораз на УФЦ-настанот во Лас Вегас беше во центарот на контроверзиите околу сомнителното плаќање за обложување, наводно е отпуштен од организацијата. Отказот се случи само еден ден по борбата со Јадиер дел Вале, што предизвика многу сомнежи поради драстичните промени во коефициентите непосредно пред почетокот, пишува „ММА њуз“.
Дулгаријан влезе во борбата како јасен фаворит со коефициент -250, но во часовите пред натпреварот, коефициентот падна на само -166. Во исто време, имаше огромни исплати за Дел Вале за победа со прекин во првата рунда, што на крајот и се случи. Тој лесно го собори Дулгаријан, му направи зафат од зад грб и го принуди да се предаде.
Движењето на коефициентите беше толку сомнително што голем број светски обложувалници ја повлекоа борбата од својата понуда, а некои дури понудија и враќање на средствата на оние што се обложија за исходот.











