Ноќта, понеделник кон вторник, во Македонија беа снимени сцени што нема да им се допаднат ниту на Македонците ниту на Србите. Сите тие беа предизвикани од навивачи на албански клуб што се натпреварува во македонската Прва фудбалска лига, пишува познатиот босански портал „СпортСпорт.ба“.
Истиот портал додава дека, веројатно, никаде во светот навивачите не се повеќе во служба на политиката отколку на Балканот. Ова го потврдија сцените снимени во понеделник вечерта во Тетово.
Голем број Албанци живеат во Македонија, неколку клубови играат многу важна улога, а шампион е екипата на Шкендија.
Иако се натпреварува под македонското знаме, Шкендија не ги крие своите аспирации кон Албанија, што е потврдено и од црно-црвениот грб на овој клуб.
Шкендија доаѓа од Тетово, но е принудена да ги игра своите европски натпревари во Скопје, што ќе биде случај и во вторник.
Црно-црвените ќе се соочат со ТНС во реванш натпреварот од првото прелиминарно коло од Лигата на шампионите, откако првиот натпревар во Велс заврши 0:0.
Се очекува неколку илјади навивачи да пристигнат од Тетово, каде што во понеделникот се одржа полноќен марш и беше најавена инвазија на македонскиот главен град.
„Денес маршираме кон Скопје, не доцнете“, беше пораката од навивачката група „Балисти“, заедно со објавените фотографии од полноќното собирање.
Навивачите на овој клуб, како и Албанците од регионот, се возбудија и повеќе од потребното откако ги видоа фотографиите, што го потврдуваат и некои коментари.
„Доаѓа крајот за славомакедонците, етничка Албанија, нема друга. Почит од Призрен“, е една од пораките од навивачите.
Исто така, има и такви што прашуваат каде ќе можат да купат билети, што многу зборува за интересот на навивачите на шампионот на Македонија.
Патем, Албанците во Македонија немаат проблем да ги изразат својата припадност и својата наклонетост кон Албанија, па неодамна јавно организираа гледање на натпреварот Албанија – Србија во Скопје, пишува босанскиот портал „СпортСпорт.ба“.