четврток, јули 9, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Доаѓа крајот на скапите сметки – преговорите стартуваат во јуни?

Доаѓа крајот на скапите сметки – преговорите стартуваат во јуни?

Македонија е меѓу првите земји од Западен Балкан што би можеле да ги почнат преговорите со Европската Унија за воведување на моделот „роаминг како дома“, најави министерот Стефан Андоновски. Очекувањата се позитивниот сигнал да пристигне на самитот ЕУ – Западен Балкан во Подгорица, по што би следувале билатерални разговори со Брисел. Процесот предвидува постепено укинување на дополнителните трошоци за мобилни услуги при патување во ЕУ, но конечното спроведување ќе зависи од усогласувањето со европската регулатива и од договорите со телекомуникациските оператори

242

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, очекува Македонија да биде меѓу првите земји од Западен Балкан што ќе започнат преговори со Европската Унија за воведување на моделот „роаминг како дома“, со што граѓаните би користеле мобилни услуги во земјите на ЕУ без дополнителни трошоци. Како што најави, позитивни сигнали се очекуваат на самитот ЕУ – Западен Балкан, што ќе се одржи на 3 јуни, во Подгорица, каде што треба да биде отворен патот за официјален почеток на билатералните преговори меѓу Брисел и државите од регионот.

– Има најава за почеток на преговорите, што е позитивен сигнал. Преговорите ќе се водат со секоја држава поединечно, а специјален договор ќе биде потпишан по примерот на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ – изјави Андоновски.

Според него, Македонија е во групата земји што имаат најголема подготвеност за почеток на процесот, пред сѐ поради усвојувањето на новиот Закон за електронски комуникации и усогласувањето со европската регулатива.

Новиот модел предвидува граѓаните од Западен Балкан да можат да се јавуваат, да испраќаат СМС-пораки и да користат мобилен Интернет во земјите на Европската Унија по исти цени како во матичната држава. Истите бенефиции би важеле и за граѓаните на ЕУ што патуваат во регионот. Оттука се и очекувањата на македонските граѓани дека со укинувањето на роамингот ќе имаат значително пониски трошоци при патувањето во земјите на ЕУ, особено за користење мобилен Интернет, при разговори и праќање пораки.

Сепак, од Брисел посочуваат дека процесот нема да биде автоматски. Наместо директно приклучување кон европската програма „Роаминг како дома“, Европската Унија ќе потпишува посебни билатерални договори со секоја земја од Западен Балкан, при што ќе биде потребно целосно усогласување со европските правила за телекомуникации, фер користење и ценовни лимити.

И од српскиот јавен сервис РТС информираат дека амбасадорите на земјите членки на ЕУ треба формално да го одобрат мандатот за преговори на 3 јуни, додека министрите на Унијата конечната одлука би ја потврдиле ден подоцна. Доколку нема застои, Европската комисија уште во текот на јуни би можела да ги отвори првите разговори со земјите од регионот.

Неофицијалните процени во Брисел се дека првите држави од Западен Балкан би можеле да го укинат роамингот со ЕУ во првата половина на 2027 година, под услов техничките и политичките процедури да се реализираат без поголеми пречки.

Процесот претставува продолжение на веќе започнатото намалување на роаминг-тарифите меѓу ЕУ и Западен Балкан, кое стапи во сила на 1 октомври 2023 година. Според Регионалниот совет за соработка, цената за користење 1 гигабајт Интернет постепено ќе се намалува – под 18 евра од 2023 година, под 14 евра од 2026 година и под 9 евра од 2028 година.

Во меѓувреме, телекомуникациските оператори во регионот остануваат внимателни во своите изјави. Засега нема официјални потврди за конкретен датум на укинување на роамингот, а од индустријата порачуваат дека процесот е технички изводлив, но ќе зависи од регулаторните договори меѓу Европската Унија, државите и мобилните оператори. Извори од телекомуникацискиот сектор посочуваат дека операторите веќе имаат искуство со регионалниот систем „Роаминг без граници“ на Западен Балкан, но дека за целосно интегрирање со европскиот пазар ќе биде неопходно дополнително усогласување со европските стандарди.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ