Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека новата катна гаража значително ќе го олесни паркирањето како за вработените така и за сите граѓани што секојдневно го посетуваат Клиничкиот центар поради здравствени потреби. Тој најави дека е планирана изградба на уште една катна гаража до крајот на неговиот мандат
Град Скопје до втората половина на 2026 година ќе започне со градењето на првата катна гаража во Клиничкиот центар, со цел трајно решавање на проблемот со паркирањето во оваа зона. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека новата катна гаража значително ќе го олесни паркирањето како за вработените така и за сите граѓани што секојдневно го посетуваат Клиничкиот центар поради здравствени потреби.
– Во минатото имаше една тема за која често се зборуваше. Изминатиов период, по консултациите со претседателот на Владата, но и со министерот за здравство, сакам да најавам дека Град Скопје до втората половина на оваа календарска година ќе започне да ја гради првата катна гаража овде, во Клинички центар. Тоа реално ќе го реши проблемот и за вработените, но и за сите наши сограѓани што доаѓаат овде поради потреба. Планираме две катни гаражи до крајот на мојот мандат – изјави Ѓорѓиевски.
Пред неколку дена, министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека до мај Клиничкиот центар во Скопје ќе добие целосно нов паркинг, со смарт-инфраструктура и со катна гаража. Тој појасни дека досега реализацијата била закочена поради административни проблеми поврзани со инфраструктурата на паркингот, но дека се надминати тие пречки и дека проектот влегува во завршна фаза.
Имено, земјиштето на паркинг-просторот ќе се запише во сопственост на Република Македонија, со што се отстранува административната пречка за потпишување договор со ЈП „Градски паркинг – Скопје“. Со овој договор ќе се овозможат модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање, но и воспоставување ред.
– Предвидуваме комплетен мониторинг на паркирањето, информативни табли и дигитален водич што ќе ги насочува граѓаните. Целта што ќе ја постигнеме ќе биде пациентите и вработените да имаат функционален, безбеден и организиран пристап до комплексот клиники – најави Алиу.
(А. П.)












