Најдоцна до средината на јули ќе се знае дали и какви мерки ќе се преземат за да се спречи растот на цените на основните прехранбени производи, информираат од Министерството за економија. Оттаму велат дека, покрај извештајот од Државниот пазарен инспекторат, ја чекаат и статистиката за јуни, која ќе покаже како се движела инфлацијата и дали имало драстично поскапување.
Инаку, извештајот што го поднесе Државниот пазарен инспекторат до Министерството за економија покажа дека има поскапување на основните прехранбени производи во малопродажбата.
– Во извештајот се опфатени над 100 правни субјекти, односно над 1.000 малопродажни места. Кај основните прехранбени производи, констатирано е дека има зголемување од 3 до 5 отсто, кај месото, млекото, месните и млечните производи има зголемување на цените од 10 отсто, додека кај третата група: хемиски производи, хигиена, пелени, бебешка храна, зголемувањето се движи од 10, па до над 20 отсто – изјави за весникот ВЕЧЕР, Влатко Стојкоски, директор на ДПИ.
Тој додаде дека Инспекторатот забележал поголемо намалување на цените кај овошјето и кај зеленчукот.
– Извештајот се однесува на цените во периодот по завршувањето на последната мерка за ограничување на трговските маржи до 10 јуни. Извештајот е поднесен до Министерството за економија, каде што, во координација со Владата, ќе треба да одлучат дали да се преземат понатамошни мерки. Тој е извештајот, нема да има друг, но Пазарниот инспекторат и понатаму ќе продолжи да врши мониторинг на цените и на маржите во големопродажбата и во малопродажбата – изјави Стојкоски.
Од Министерството за економија информираа за ВЕЧЕР дека сè уште се прават анализи за да се види дали и какви мерки ќе се применат.
– До средината на јули ќе знаеме како се движат цените и дали има драстично поскапување. Дотогаш ќе излезе и статистиката за јуни и доколку втор месец по ред има зголемување на цените, ќе се преземат мерки – информираат од Економија.
Инаку, министерот за економија, Бесар Дурмиши, рече дека Владата и министерствата за економија и за земјоделство работат во насока на носење мерки што ќе дадат долгорочни резултати.
– Се работи на тоа да ги поддржиме нашите земјоделски производители и производителите на основни прехранбени производи, бидејќи досега немавме такви мерки. Ако ги спроведеме овие мерки, ќе се намалат цените на земјоделските прехранбени производи, бидејќи тие ќе се произведуваат дома. Ние сме увозно зависна држава и речиси 80 отсто од производите ги увезуваме. Имаме капацитет и имаме можности и поради тоа треба да го поддржиме домашното производство – рече Дурмиши.
Дали ќе се преземат мерки како замрзнати цени и замрзнати маржи, како што рече, ќе се знае во наредниот период откако ќе се види дали има енормно зголемување на цените.
(А. С.)