Светската здравствена организација (СЗО) во понеделник соопшти дека ќе го намали бројот на вработени за околу една четвртина, или повеќе од 2.000 работни места, до средината на следната година, во обид да спроведе реформи по повлекувањето на нејзиниот главен донатор, САД.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп се повлече од организацијата по преземањето на функцијата во јануари, принудувајќи ја СЗО да го намали обемот на работа и да го преполови својот менаџерски тим, објави „Ројтерс“.
Вашингтон е убедливо најголемиот придонесувач во СЗО, со околу 18 проценти од вкупното финансирање.
Организацијата со седиште во Женева предвидува дека нејзиниот персонал ќе биде намален за 2.371 до јуни 2026 година поради намалување на работните места, пензионирање и заминувања.
Глобалната здравствена организација официјално ќе ги презентира овие бројки пред своите земји-членки утре, пренесе „Ројтерс“.
Иако СЗО во август објави дека стотици вработени си заминале, ова е прв пат да објави податоци за целосниот обем на очекуваните промени во бројот на вработени, пренесува „Танјуг“.
Според СЗО, организацијата има и дефицит во буџетот од 1,06 милијарди долари за 2026-27 година, што е речиси една четвртина од вкупните потребни средства.
Овој износ не ги вклучува околу 1,1 милијарда долари очекувано финансирање кое вклучува договори во различни фази на имплементација, соопшти глобалната здравствена организација, без да даде детали, објави „Ројтерс“.












