До крајот на месецов, мерки за спас од високите цени

23

До крајот на јули треба да биде дефиниран моделот со кој Владата ќе реагира на зголемувањето на цените на прехранбените производи, најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека се прават детални анализи и дека се размислува за неколку пристапи, во консултација со економски експерти, Пазарниот инспекторат и трговските синџири.

– Очекувам до крајот на месецов да го конципираме моделот и доколку трендот продолжи и во месеците што следуваат, да донесеме соодветни мерки. Сакаме заеднички, а не како различни страни, да пристапиме кон проблемот и да најдеме трајно решение – рече Мицкоски.

Тој додаде дека Владата е насочена кон утврдување на причините за порастот на базичната инфлација, која, според него, има најголемо влијание врз крајните цени на производите.

– Ќе направиме сè што е во наша моќ граѓаните да имаат најниски можни цени, но мораме да влеземе длабински во анализата на базичната инфлација. Не сакаме краткорочни и стихијни мерки, туку целни и ефикасни, рече премиерот.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците на живот во јуни се зголемени за 4,5 проценти на годишно ниво, а цените на мало за 3,7 проценти.

– Најлесно е да аплицирате мерка со која ќе се смират цените на краток период, но потоа за неколку месеци повторно ќе се вратат назад. Затоа ние посуштински влегуваме во базата и тоа ќе биде решение. Наш интерес е да имаме задоволни граѓани кои ќе имаат најниски цени во Европа. Но, мора прво да влеземе во базата, ако не влеземе, ова ќе биде на краток рок, рече Мицкоски.

Мицкоски претходно најави анализа на структурата на инфлацијата, посочувајќи дека дел од порастот на цените не доаѓа само од трговците, туку и од пошироки економски фактори, вклучително и од инфлацијата на услугите.

 

ИЗДВОЕНИ