Исплатата на повратот на ДДВ за скенираните фискални сметки од вториот квартал во 2025 година (април–мај–јуни) ќе биде целосно реализирана најдоцна до 31 август, согласно со законскиот рок од 60 дена по завршувањето на кварталот.
Граѓаните што ги исполниле условите, скенирале сметки и имаат точно внесени трансакциски сметки, средствата ќе ги добијат автоматски, по обработката. Од Управата за јавни приходи (УЈП) потсетуваат дека најчеста причина за доцнењето при претходните исплати биле некоректно внесените или неажурирани трансакциски сметки во апликацијата „Мој ДДВ“.
За навремена исплата, граѓаните треба да проверуваат дали се евидентирани сите скенирани сметки во апликацијата „Мој ДДВ“, да се осигураат дека трансакциската сметка е правилно внесена и активна во системот на УЈП и да ги следат официјалните известувања од УЈП и апликацијата за актуелности.
Со редовно ажурирани податоци, повратот на „МојД ДВ“ ќе биде исплатен навремено. Граѓаните можат да добијат до 2.100 денари за едно тромесечје или до 8.400 денари за цела година.