Здружението „Инженери на Република Македонија“ поднесе иницијатива до Уставниот суд против паушалните сметки за струја. Бараат укинување и преиспитување на законските одредби со кои се овозможува издавање паушални фактури. Од Здружението посочуваат дека е продолжена практиката на издавање паушални сметки за струја, иако од 29 мај годинава Законот наложува фактурите да се засноваат исклучиво на реално измерената потрошувачка преку читање на броилото. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека изминатиов период пристигнале повеќе поплаки до нив, околу висината на сметките за струја, токму поради тоа што не им биле читани броилата.
– Досега, со Правилникот кој беше донесен од Регулаторната комисија за енергетика, ѝ беше овозможено на ЕВН да ги чита сметките два пати годишно. Тоа значи дека во тој одреден период кога не е прочитано броилото, граѓаните добиваа паушални сметки, односно сметки врз основа на проценетата потрошувачка. Кога ќе ги прочитаат броилата, вршат порамнување на сметките, односно ако наплатиле повеќе, потрошувачот добива пониска сметка и обратно, ако наплатиле помалку, потрошувачот добива повисока сметка – изјави за весникот ВЕЧЕР Тања Тасевска од Организацијата на потрошувачи.
Во тој меѓупериод, како што вели, добиле многу поплаки од граѓаните, бидејќи некои и не знаеле дека потоа ќе им бидат израмнети сметките, односно дека ќе платат помалку.
– Сепак, не е во ред граѓаните што потрошиле помалку во летните месеци, да плаќаат повисоки сметки за струја. Со паушалните сметки, граѓаните на некој начин ја кредитираат ЕВН. Поради тоа, се поставува прашањето зашто да плаќаат однапред за нешто што не го потрошиле – додава Тасевска.
Здружението „Инженери на Република Македонија“ бара укинување на членот 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија и преиспитување на делови од член 185 од новиот Закон за енергетика. Сметаат дека и покрај ваквите законски одредби, ЕВН во своите фактури користи и процена на потрошувачката.
– Во фактурите постои графа „Начин на кој е прочитано броилото: О = отчитано; М = проценета состојба“, што значи дека на потрошувачите им се фактурира струја врз основа на процените наместо врз фактичката потрошувачка – велат од ИНРМ.
Според Здружението, ова е спротивно на Законот, создава правна несигурност и е ризик граѓаните неправедно да бидат исклучени од мрежата како должници. Поради тоа, како што наведуваат од ИНРМ во образложението на иницијативата, има потреба од итно укинување на членот 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија и преземање регулаторни и надзорни мерки против ЕВН, поради незаконската практика на паушално фактурирање, спротивно на одредбата од новиот Закон за енергетика и правата на потрошувачите.
– Исклучоци што го оправдуваат издавањето фактури врз основа на претпоставена вредност се дозволени само кога не може да се изврши мерење поради техничка неисправност или оштетување на мерниот уред. Секое друго отстапување, особено она што произлегува од субјективни причини како нечитање, организациски пропусти, непојавување на службено лице или административен пропуст, веќе не претставува дозволен основ за паушално фактурирање – наведуваат од Здружението.
Тие во март годинава поднесоа претставка до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), со барање за измена на правилата за снабдување со електрична енергија. Тие бараа конкретни решенија за спречување на неправедните наплати во фактурите за електрична енергија кај домаќинствата и елиминирање на дополнителната неоправдана заработувачка на ЕВН.
Од Регулаторната комисија за енергетика неодамна изјавија дека граѓаните почнале да ги добиваат новите сметки за струја на кои може да се види дали е читано броилото или не. Доколку има ознака О на сметката, тоа значи дека е прочитано. Ако, пак, броилото има ознака М, тоа значи дека фактурата содржи претпоставени вредности врз основа на историјата на потрошена електрична енергија на корисникот. Податокот се наоѓа на задната страна од фактурата, во делот „Податоци од броило“.
– Кога излезе тој проблем, јасно кажавме дека ќе преземеме мерки. Прво што кажавме е дека на секоја сметка ќе има податок дали е читано броилото или не. Така, со последните сметки што ги добија домаќинствата, може да се види тоа. Ако е читано – има ознака О, ако не е читано – има ознака М. Со самото тоа, кога ќе видат дека е читано, нема потреба граѓаните да поднесуваат жалба доколку се незадоволни. Со новиот Закон за енергетика е предвидено да се прави читање најмалку еднаш во три месеци. Инаку, и досега, кај нас, некаде околу 85 проценти од броилата се читани. Она што го побаравме од ЕВН е во наредниот период да инвестира многу повеќе во паметни броила. Еден таков тендер за набавка на повеќе броила е во тек и во овој момент имаме околу 200 илјади броила со далечинско читање. Се надеваме дека понатаму, секоја година, сè повеќе и повеќе ќе се зголемува тој број и дека на тој начин ќе го снема проблемот со читањето на броилата. Исто така, побаравме од Електродистрибуција да направи многу поедноставна веб-платформа на која домаќинствата ќе можат да ги доставуваат своите читани податоци, да нема јавување на телефон, праќања по „Вибер“… Едноставно, на самата платформа, со својот кориснички број да ги доставуваат своите податоци за потрошена електрична енергија, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Тој вели дека и до РКЕ стигнале забелешки од граѓани дека некаде нема можност да се прочитаат броилата. Поради тоа, Регулаторна побарала од ЕВН да направи корекција кај овие броила, односно да бидат во состојба да се прочитаат.
Податоците од почетокот на годинава покажаа дека само за еден месец, на адресата на „ЕВН Хоум“ пристигнале 15 илјади барања за корекција на високите сметки за струја. Само мал број од нив се коригирани.
Доколку се сомневаат дека не се редовно читани нивните броила, граѓаните може да ја споредат фактурата со вистинската состојба на броилото, а ЕВН е должно да реагира. Граѓаните имаат можност и сами да пријават состојба со читање на броилото и да ја пратат на и-мејл адресата на ЕВН или да поднесат барање до „ЕВН Хоум“ за физичко читање на броилото и за проверка на блоковите доколку не се во можност сами да го читаат броилото. Воедно, може да побараат и доказ за читањето на броилото. Според законот, ЕВН мора да обезбеди потврда за кварталното читање. Доколку ја нема, граѓанинот има право на ревизија.
(А. С.)