Во искачувањето учествуваа 350 планинари и рекреативци, љубители на природата, од Росоман, Сирково, Градско, Велес, Скопје, Гевгелија, Демир Капија, Неготино и од Кавадарци. Како и изминатите, така и оваа година, искачувањето беше во чест на прерано загинатите Калина Велеска и Александар Миновски, кои учествуваа на првото зимско искачување на Клепа, а само неколку дена потоа, на 11 февруари 2018 година, трагично загинаа при освојување на врвот Кајмакчалан

Спортско-планинарското еколошко друштво „Клепа“ од Росоман, еколошката групација „Грин пауер“, клубот на планинарски спортови „Азот“ од Велес и општините Росоман и Градско го организираа деветтото традиционално зимско искачување на врвот Клепа, на надморска височина од 1.150 метри.
Во искачувањето учествуваа 350 планинари и рекреативци, љубители на природата, од Росоман, Сирково, Градско, Велес, Скопје, Гевгелија, Демир Капија, Неготино и од Кавадарци. Како и изминатите така и оваа година искачувањето беше во чест на прерано загинатите Калина Велеска и Александар Миновски, кои учествуваа на првото зимско искачување на Клепа, а само неколку дена потоа, на 11 февруари 2018 година, трагично загинаа при освојување на врвот Кајмакчалан.
Оливер Христов од СПЕД „Клепа“ информираше дека учесниците тргнале од селото Сирково кон селото Подлес, а по пат ја посетиле и „шумата на Калина и Александар“. На вториот дел од патеката, учесниците се качувале од селото Подлес до врвот Клепа, на 1.150 метри надморска височина, по што се спуштале надолу по стрмен терен, сè до манастирот „Свети Архангел Михаил“ кај селото Долно Чичево. Таму сите се собрале во конаците за дружење со ручек, кој им го подготвиле припадниците на логистиката на Армијата и домаќинките на селото Сирково.
Патеката е долга 19,3 километри, со 880 метри висинска разлика.
– Целта на акцијата е, пред сè, да им се оддаде почит на прерано загинатите планинари Калина и Александар, кои трагично загинаа при освојување на врвот Кајмакчалан, да се промовира качувањето на врвот Клепа, како и да се привлечат нови учесници рекреативци, планинари и љубители на природата. Исто така, да се манифестира заедничка соработка меѓу планинарските клубови и друштва и општините Росоман, Градско и Велес – појасни Христов.
На заедничкиот ручек со дружење им биле врачени благодарници на организаторите – спортско-планинарските друштва, како и на припадниците на логистиката на Армијата и на градоначалниците на општините Градско и Росоман за поддршката.
Организаторите за десеттото јубилејно зимско искачување на врвот Клепа најавија обновување на „шумата на Калина и Александар“ со садење нови садници и со поставување спомен-обележје во чест на Калина и Александар.












