До февруари ќе се знае кој ќе го гради автопатот Кичево – Букојчани

24

Деветте фирми кои на 1 август годинава добија покана од ЈП за државни патишта да достават понуди за изведувач на автопатот Кичево – Букојчани веќе го сторија тоа. Сега е во тек фазата кога се вршат проверки на доставените суми, кои заедно со предлогот за избор на изведувач ќе бидат доставени до Европската банка за обнова и развој, која, пак, треба да ја даде конечната одлука. Потоа ќе следува потпишување на договор со изведувачот и како што најавуваат од ЈПДП, овие процедури треба да завршат до февруари 2026 година.

Оваа делница од 11,5 километри се проценува дека ќе чини преку 130 милиони евра од кои 110 се обезбедуваат преку заем од ЕБОР, а 20 милиони евра се грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан. На Коридорот 8 веќе се изведуваат градежни работи на дозавршување на автопатот Кичево – Охрид, американско-турскиот конзорциум работи на автопатската делница Тетово – Охрид, а истиот изведувач ја гради и најтешката траса од Гостивар до Букојчани, како и автопатската делница Прилеп – Битола на Коридорот 10д. Согласно со договорот со „Бехтел и Енка“, државата му исплаќа средства на конзорциумот за градежните работи на терен. Последната исплата е во август годинава од 19,5 милиони евра. Од почеток на година се исплатени вкупно 79 милиони евра или од почеток на работите на „Бехтел и Енка“ им се исплатени 340 милиони евра.

– Изградбата на Коридорите 8 и 10д не се само обични зборови, туку лично видов како делата зборуваат. Изградбата започна со многу предизвици, но денес делницата 1 Тетово – Гостивар е во фаза која ветува брза и квалитетна изградба. Досега се извршени ископувања на околу 150.000 м3 земја, вградени се 310.000 м3 материјал за пополнување, произведени се 2.500 м3 бетон за завршување работи на автопатската делница. На делниците 1 и 2 моментално работат околу 1.200 лица и вклучени се повеќе од 750 различни машини и механизација, а во наведените бројки се вклучени и подизведувачите. Во моментов 60% од снабдувачите и 90% од подизведувачите се домашни компании – истакна директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, за работите на делницата Тетово –Гостивар.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ