До 15 септември да се обезбедат приклучоци за инфаструктурните инсталации, пред асфалтирање на улиците

21

Општина Делчево ги известува сопствениците на објекти и на градежни парцели во повеќе делови од градот и околните населби дека најдоцна до 15 септември годинава треба да ги обезбедат потребните приклучоци за водовод, фекална и атмосферска канализација, како и други инфраструктурни инсталации.

Ова се однесува на населбите Спортско-рекреативен Центар (СРЦ), Басарица, Пролет, на централното градско подрачје и на улиците „Видое Смилевски-Бато“, „Кочо Рацин“, „Солунска“, „Благој Стојменов“, „Генерал Темпо“, дел од „Орце Николов“ на локалитетот Шумски Расадник, крак од улицата „Плачковица“ и една улица во селото Ѕвегор.

Според Општината, планирано е да се вршат градежни работи на овие локации за поставување водоводна инсталација, фекална и атмосферска канализација, како и изградба или реконструкција на улиците. Средствата за реализација се обезбедени од Владата на Република Северна Македонија, како и од Проектот за подобрување на локалните патишта за делот од улицата „Орце Николов“ во Шумски Расадник.

Од Општината предупредуваат дека по завршувањето и асфалтирањето на улиците, во текот на гарантниот период нема да бидат дозволени прекопување и поставување инсталации.

– По истекувањето на гаранцијата, приклучоците ќе се вршат согласно со Програмата за уредување градежно земјиште, со плаќање соодветен надоместок од сопственикот или корисникот на парцелата. Трошоците за враќање на прекопот во првобитна состојба, како и евентуалната изградба на потпорни ѕидови или пристап до дворните места, ќе бидат на товар на сопствениците – соопштија од Општина Делчево. 

За технички податоци, како и за условите за обезбедување приклучоци, граѓаните треба да се обратат до надлежните оператори: ЈКП „Брегалница“ – Делчево, ЕВН КЕЦ „Делчево“, „Македонски телеком“ – Скопје, кабелската телевизија „Пирамида“ – Делчево и други.

Општината потсетува дека изведувањето недозволени дејства во трупот на пат или на улица е казниво, во согласност со Законот за јавни патишта.

 

ИЗДВОЕНИ