Жители на Скопје, кои се корисници на градската топловодна мрежа, се жалат дека немаат парно греење и смрзнуваат во своите домови. Велат дека пријавуваат во „ЕСМ Снабдување“. Најчесто има застој во доставувањето на топлина до радијаторите поради течење на внатрешна инсталација, а некаде поради неможност за пристап до потстаниците во зградите.

Еден граѓанин на стан во зграда во централното градско подрачје објави на социјалните мрежи известување до сите станари за причината поради која во објектот немаат греење.

– Почитувани станари, ЕСМ извести дека поради паркирано возило (џип) на шахтата не се во можност да дојдат и да пуштат вода во потстаницата. За да профункционира потстаницата потребно е џипот веднаш да се дислоцира – се наведува во известувањето.

Корисник на парно греење од населбата „Јане Сандански“ посочува дека до неделата немале дома греење поради неажурност на службите на „ЕСМ Дистрибуција“.

– Проблемот во мојот стан беше поради течење на внатрешната инсталација. Дефектот беше саниран уште во петокот, и уредно пријавен во пунктот во Аеродром околу 22.00 часот по што добив звучна порака дека ќе постапат. Истото го повторив и во сабота и дури во неделата добивме греење – вели овој граѓанин.

Други, пак, велат дека со денови „водат борба“ со телефонската „секретарка“ која им кажува дека ќе постапат.

Од „ЕСМ Снабдување“ на својата интернет-страница секојдневно поставуваат известувања до јавноста дали во тековниот ден се создадени услови за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија. Официјалниот почеток на грејната сезона е 15 октомври, но согласно со регулативата, снабдувањето со топлинска енергија може да започне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12˚С, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи.

Оттаму објавуваат листа со објекти каде што има дефекти во дистрибутивната мрежа и дека се работи на нивно отстранување. Така, по извршената интервенција на екипите на „ЕСМ Дистрибуција“, дефектот е целосно саниран, а водот во овој реон е пуштен, по што испораката на топлинска енергија кон објектите во околината на Педагошки факултет е нормализирана.

– По извршените интервенции на екипите на „ЕСМ Дистрибуција“, испораката на топлинска енергија е нормализирана во реонот кај Капитол и во Карпош 1, кон општина Центар. Дефектите се санирани, а со тоа, потрошувачите во овие реони повторно имаат редовна испорака на топлинска енергија – информираа од ЕСМ.

Поради лоцирање на четири дефекти на дистрибутивната мрежа без греење вчера беа уште десетици објекти.

– Екипите на „ЕСМ Дистрибуција“ се на терен и работат на локализирање и отстранување на дефектите. За повеќе информации, граѓаните можат да се обратат во Центарот за грижа на потрошувачи на телефоните (02) 3076 200 и 075 400 100.

Парно греење ќе има и утре.

– Ја информираме јавноста дека за 07.10.2025 година се создадени услови за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија. Оваа информација е согласно со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на СРМ, а врз основа на прогнозираната средна дневна температура на воздухот во Скопје од 10˚С за 07.10.2025 година од Управата за Хидрометеоролошки работи – соопштија од „ЕСМ Снабдување“. (С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ