Дневници за 50 евра, а слабо јунаци за работа на нива

Во земјоделството има константен дефицит на работна сила, особено во лето. И покрај тоа што дневниците не се многу големи, но на оние кои им треба дополнителен приход може да заработат и по 50 евра дневно од садење и берба на земјоделски производи. Земјоделците велат дека постојната работна сила е стара над 55 години и не е продуктивна затоа им требаат младите кои се попродуктивни, имаат повеќе енергија и можат да работат на повисоки температури. Земјоделците апелираат до младите кои не заминаа на сезонска работа надвор од државата и на кои им треба дополнителен приход да дојдат и да работат на нивите

5821

Земјоделците и ова лето мака мачат да најдат сезонски работници. Младите отидоа на сезонска работа во Хрватска, а оние кои останаа не сакаат да работат на нива. Во земјоделството има константен дефицит на работна сила, особено во лето. И покрај тоа што дневниците не се многу големи, но на оние кои им треба дополнителен приход може да заработат и по 50 евра дневно од садење и берба на земјоделски производи. Земјоделците велат дека постојната работна сила е стара над 55 години и не е продуктивна затоа им требаат младите кои се попродуктивни, имаат повеќе енергија и можат да работат на повисоки температури.

-Плаќаме од 300 до 350 денари од час зависи од фазата на производство. Постојано има потреба од работна сила во земјоделството, бидејќи постојните работници се стари и неможат да работат на топлото. Дневниците не се големи, но и ние не можеме повеќе да ги платиме, бидејќи откупни цени се ниски и немаме загарантиран откуп. Доколку однапред знаеме каде и по која цена ќе го продадеме нашиот производ ќе може повеќе да ги платиме и наемните работници. Меѓутоа ова не работа со која ќе се подмират животните трошоци, туку дополнителна работа која на оние кои имаат слободно време може да им донесе дополнителен приход, изјави за весникот ВЕЧЕР, Диме Димитриевски тутунопроизводител од Прилеп.

Тој вели дека земјоделството е тешка работа и постојано има потреба од работна сила. Во зависност од фазата на производство, односно дали се работи за садење или берба потребата од работа и дневницата е различна. Оние кои се послободни и кои можат да работат по 8 до 10 часа дневно можат да заработат и по 50 евра дневно, што не е малку.

-Младите се попродуктивни и можат повеќе да придонесат во земјоделството, но не сакаат да работат на нива. Апел до оние кои не заминаа на сезонска работа надвор од државата и на кои им треба дополнителен приход да дојдат да работат на нивите, додава Димитриевски.

Од Националната земјоделска мрежа велат дека за разлика од земјите во регионот кај нас нема агенции за ангажирање на работници во земјоделството. Последниве години се ангажираат работници од Албанија претежно во сточарството за чување овци и во овоштарството за берење јаболка, но тоа е стихијно и по потреба.

-Имаме дефицит на работна сила, но поради ниските откупни цени и високите трошоци за производство се помалку се ангажираат наемни работници. Земјоделците се принудени сами да ги работат нивите или да го минимализираат производството. Недостатокот од работна сила е една од причините поради која последниве години драстично се намалија земјоделските површини. Старосната структура во земјоделството е над 55 години. Тоа се луѓе кои се изработени и се помалку продуктивни. Млада работна сила многу тешко се наоѓа поради масовно иселување, како и нивно ангажирање во други поатрактивни и поплатени сезонски работи, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Земјоделците излезот од оваа ситуација го гледаат во повисоки откупни цени и загарантиран откуп за да се обезбеди сигурност и одржливост на секторот.

И соседните земји се соочуваат со ист проблем, нема работна сила во земјоделството. Српските овоштари по социјалните мрежи барат собирачи на малини, боровинки и вишни. Обезбедено е сместување и храна, а дневно може да се заработи и до 5.000 динари, односно 2.500 денари. За овие пари треба да се набере 50 килограми малини.

И во соседна Албанија, Грција и Италија постојано има потреба од берачи на земјоделски производи, маслинки и јужно овошје.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ