Огромна пукнатина се направи на земјата во Липково. Драматичните слики од теренот ги објави ТВ 21, на кои се гледа дека има голем и длабок расцеп на земјата, предизвикано, најверојатно, од свлечиште и претставува опасност за околните куќи и за инфраструктурата.

Жителите на Липково велат дека се загрозени нивните животи и ги повикуваат локалните власти и надлежните институции брзо да реагираат за да се спречи натамошното лизгање на земјиштето и да се заштити нивниот имот.

Кризниот штаб за заштита и спасување на општина Липково одржала состанок за новонастанатата состојба на која присуствувале претставници од ИЗИИС и Градежниот факултет во Скопје и, по извршениот увид на терен, е побарано од двете институции да дадат предлог за санација и да се направи студија како да се реши проблемот. Весникот ВЕЧЕР вчера ѕвонеше на официјалниот телефон на општина Липково за подетална информација што ќе биде преземено, но од другата страна на телефонот никој не се јави.

Во вакви случаи, општината е надлежна сама да го реши настанатиот проблем, а доколку не може да го стори тоа, по процена на градоначалникот, треба помош да побара од соседната или соседните општини. Доколку станува збор за поголем проблем, градоначалникот ја информира Владата и Центарот за управување со кризи, кој, пак, ги анимира надлежните служби кои поседуваат соодветна механизација. И од ЦУК не добивме одговор.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ