Полициски службеници од Одделот за организиран криминал влегоа во Чаир. Според министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ако се утвтрди дека се работи за дивоградба и објектот претставува проблем за безбедноста на граѓаните, ќе се урива.
– Ако се утвтрди дека се работи за дивоградба и тоа претставува проблем за безбедноста на граѓаните, секако дека треба да биде предмет на уривање – рече министерот.
Тој рече дека полициските службеници освен во Чаир влегле и во Сарај и Аеродром, а ќе се прегледува работата и во Општина Кисела Вода.
– Сакам да напоменам дека ова се секојдневни активности на МВР. Не е дека јавноста има интерес и се постапува. Ова се тековни активности по кои се постапува секојдневно“, рече Тошковски одговарајќи на новинарско прашање за дивоградбите.
Републичкиот обвинител информираше дека за сите пријави за дивоградби во Општината Чаир како и за територијата на цела држава се постапува со предистраги и истраги, но не може да посочи бројки.
– Околу дивоградбите имаме неколку предмети. Имаме предмети во истрага, имаме предмети во предистрага. За последните случувања, знаете, вчера судот по жалба на јавното обвинителство определи притвор за потенцијалниот сторител на кривичното дело што значи Јавното обвинителство (ЈО) и понатаму ќе постапува по секоја кривична пријава или евентуално по секој поднесок во врска со дивоградбите и тука, не се сомневам дека јавните обвинители ќе постапуваат правилно. Она што вчера го слушнав дека градоначалничката поднела нова кривична пријава. Истата ќе се процесира во најбрз можен рок. Старите се во тек, што значи дека по собирање на доказите ќе се донесе јавнообвинителска одлука. Затоа, реков истрага има, така што ќе се постапи- истакна обвинителот Коцевски.
Министерот за живона средина, Изет Меџити денеска истакна дека во Македонија има повеќе од 200 илјади дивоградби, најмногу во Гостивар.
– Во 80 општини во земјава има повеќе од 200.000 дивоградби и ако не грешам, во албанските општини предничи Општина Гостивар, изјави Меџити и ги повика институциите да дејствуваат насекаде и неселективно.
– Јас ги повикувам институциите да дејствуваат секаде каде што има недозволено и незаконско градење. Институциите треба да се остават да дејствуваат насекаде, но не селективно, како што имаше интенција од градоначалничката – истакна Меџити алудирајќи на скопската градоначалничка Данела Арсовска.