Општина Свети Николе, со несоодветно постапување, обезбедила бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште да извршуваат дејност. Имено, Општината не ги доставува барањата до надлежното министерство за добивање согласност за бесправно изградените објекти на земјоделско земјиште, остварува приходи од услуги за сместување во објект „одморалиште во Стар Дојран“ без притоа да ги обезбеди потребните согласности за извршување на наведената дејност и нема обезбедено функционалност на детската градинка „Рахилка Гонева“ во с. Ерџелија.
Ова се само некои од мноштвото неправилности што ги откриле државните ревизори чешлајќи го работењето на ова општина во 2024 година.
– Евидентираните побарувања за надоместок за одржување на јавна чистота во Општина Свети Николе и во ЈКП „Комуналец“ Свети Николе не се усогласени за 8.650.000 денари, а за 2024 година општината по овој основ не остварува приходи и нема донесено Годишна програма за одржување на јавната чистота. Според сметководствената евиденција на општината, по основ на надомест за одржување на јавната чистота, ЈКП во Буџетот на општината нема уплатено 27.419.000 денари – нотирале ревизорите.
Даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или со нов имот во минати години не се задолжени со данок на имот, а ажурирањето на регистарот на недвижен имот и ревреднувањето на пазарната вредност е извршено во 2021 година.
– Во постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти не се почитуваат законски пропишаните рокови и не се донесуваат решенија за одбивање на барањата. Од поднесените 110 барања за легализација на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште, 79 барања не се доставени до надлежното министерство за добивање согласност за издавање на одобрение за потврдување на помошен објект и за дел од нив не е извршен увид на самото место. За изграден објект на земјоделско земјиште со катастарска култура „нива“, за кој во 2017 година е поднесено барање за утврдување на правен статус на помошен објект на земјоделско земјиште, општината не извршила увид на местото и не доставила барање до надлежното министерство за добивање согласност, поради што предметот од 2017 година има статус во постапка за решавање, иако објектот врши угостителска дејност до 12.04.2025 година, кога од страна на инспектори од МВР и ДЗС, по извршената контрола, е донесено Решение за забрана за негово користење – забележале ревизорите.
Во текот на 2024 година, издадени се одобренија за поставување урбана опрема само за три објекти, а останатите угостителски објекти, јавната прометна површина ја користат без издадено одобрение, уплатена комунална такса за користење простор пред деловни простории за вршење дејност. Општината нема донесено годишна програма за поставување на времени објекти, ниту се издадени одобренија за поставување на времен објект.
– Општината не остварува приходи по основ на комунална такса за: користење музика во јавните локали и комунална такса за реклами, објави и огласи, и нема донесена програма за општа туристичка пропаганда и информативна дејност за подобрување на условите за престој. Не е воспоставен Зелен катастар, недостасува Стратегија за развој на зеленилото и Годишна оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото и не се остваруваат приходи по основ на надомест за одржување на јавното градско зеленило – се вели во ревизорскиот извештај.
Со ревизијата е утврдено дека има неевидентирано земјиште, дел од имотот нема имотни листови, несоодветно евидентирање на инвестициите по нивното завршување, немање материјална евиденција при прием и издавање материјали и слабости при спроведување на пописот на средствата и обврските.
– За надминување на утврдените состојби се дадени препораки со цел преземање мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица – нагласуваат од ДЗР.












