Од Управата за заштита на културно наследство за весникот ВЕЧЕР посочија дека сите надлежни институции постапиле по пријавата за градење кое е спротивно од ДУП и Закон за градење. „За овој објект што се гради зад заштитениот објект од споменичната целина е постапено уште минатата година. Пријавено е до градежна инспекција, бидејќи нашата надлежност оди до градежна инспекција на Општина Гостивар. Општина Гостивар, пак, постапила и поднесена е пријава до МВР, а МВР ја има проследено до обвинителство. Но, сопственикот продолжува да гради“, велат од Управата за заштита на културно наследство. Оттаму посочуваат дека објектот кој се гради спротивно на ДУП е оддалечен од заштитеното добро на метар и половина

 

Гостиварска градежна компанија гради зграда на „црно“ зад заштитени објекти од значајно културно наследство и никој ништо не ѝ може. И покрај сите изречени забрани од инспекциските служби, градежната механизација не мирува. Граѓаните што се јавија во весникот ВЕЧЕР стравуваат дека постои опасност во Гостивар да се случи струшкото сценарио, кога новоградба ги урна ѕидовите на спомен-куќата на големиот Владо Малески, исто така заштитено културно наследство.

Водејќи се по пријавата, весникот ВЕЧЕР ги контактираше надлежните.

По објавениот текст со наслов „Струшко сценарио во Гостивар – ќе падне ли уште едно културно наследство?“ во кој ја пренесовме реакција на гостиварци дека изградба на нов објект може да загрози заштитени објекти од споменичната целина Градски центар Гостивар, која е под државна заштита, на терен излегоа и надлежните од Управата за заштита на културно наследство.

Оттаму, за весникот ВЕЧЕР посочија дека сите надлежни институции постапиле по пријавата за градење кое е спротивно од ДУП и Законот за градење.

– За овој објект што се гради зад заштитениот објект од споменичната целина е постапено уште минатата година. Пријавено е до градежна инспекција, бидејќи нашата надлежност оди до градежна инспекција на Општина Гостивар. Општина Гостивар, пак, постапила и поднесена е пријава до МВР, а МВР ја има проследено до Обвинителството. Но, сопственикот продолжува да гради, велат од Управата за заштита на културно наследство.

Оттаму посочуваат дека објектот, кој се гради спротивно на ДУП, е оддалечен од заштитеното добро на метар и половина.

– Таму има одобрение за градење за два објекти. Бидејќи се работи за сопственик на повеќе парцели, тој побарал окрупнување за да може да гради на една парцела. Маркиците за два објекти тој ги спојува како една и се прави нешто што е спротивно на ДУП. Според ДУП, тој има дозвола за подрум, приземје и кат, а прави плус четири ката. Конзерваторскиот центар во Гостивар постојано известува и веќе имаме едно постапување од минатата година каде што е пријавено до сите надлежни кои постапуваат во ваква ситуација кога имаме диво градење спротивно на ДУП во поглед на висината и габарит, велат од Управата.

Инаку, како што веќе информиравме, новоградбата се гради зад објектите лоцирани во рамките на споменичната целина Градски центар Гостивар, прогласен за значајно културно наследство. (Р. В.)

ИЗДВОЕНИ