Според министерот за култура и туризам Зоран Љутков, сите постапки и сите вработени од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот ќе преминат на една адреса, а тоа е Министерството за култура и туризам. Тој исто така додаде дека веќе се зададени задачи и веќе е започнато со нивно решавање, а како еден од најгорливите проблеми на кои се работи, а на кој укажуваат и граѓаните со години наназад, е состојбата со нелиценцираните туристички водичи, особено во Охрид, кои на погрешен начин ја пренесуваат македонската историја на посетителите со што се добива и погрешна слика за државата
Секторот туризам и официјално премина од Министерството за економија во Министерството за култура и туризам откако завчера во Собранието беа изгласани измените на Законот за туристичката дејност. Според министерот Зоран Љутков, сите постапки и сите вработени од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот ќе преминат на една адреса, а тоа е Министерството за култура и туризам. Тој исто така додаде дека веќе се зададени задачи и веќе е започнато со нивно решавање, а како еден од најгорливите проблеми на кои се работи, а на кој укажуваат и граѓаните со години наназад, е состојбата со нелиценцираните туристички водичи, особено во Охрид, кои на погрешен начин ја пренесуваат македонската историја на посетителите со што се добива и погрешна слика за државата.
– На наша иницијатива се сретнавме со туристичките водичи и здруженија од Македонија. На состанокот што го имавме е формирана работна група за унапредување на дејноста на туристичките водичи, а донесени се и неколку заклучоци за една од најголемите болки што ги имаат туристичките водичи, и ние како држава. Тоа е искривување на вистината од страна на нелегалните туристички водичи кои доаѓаат и од други земји, но и од нашата, и кои ѝ прават големи штети на Македонија. Овие заклучоци ќе треба во наредниот период да ги спроведеме и на тој начин да се заштитиме од такви влијанија понатаму, посочи Љутков.
Инаку, тој додаде дека осумте дена по објавувањето во Службен весник од страна на Министерството за култура и туризам ќе се пристапи кон преземање на вработените, на имотот и на сè она што поседува Агенцијата за поддршка на туризмот.
„Многу е важно што сега сè што е поврзано со туризмот ќе биде упатено на една адреса, кон една институција, а повеќе нема да се плаќа кирија, која ја плаќаше оваа Агенција во Градскиот трговски центар. Обезбедивме нови просторни услови кои се наоѓаат во зградата која сега ја користи Министерството за енергетика, поточно, првите два ката, посочи министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Тој додаде дека на овој начин ќе се намалат трошоците и ќе се добијат посоодветни услови за работа, на поцентрално и повидливо место во Градот.
Исто така, околу триесет вработени од Агенцијата за поддршка на туризмот ќе преминат под капата на Министерството за култура.
– Веќе направивме претходно измена со систематизацијата во Министерството за култура и туризам за да бидеме подготвени во овој процес и да можат сите вработени од Агенцијата да преминат побрзо. Со ребалансот на буџетот веќе го имаме обезбедено и буџетот од Агенцијата, така што сме веќе комплетирани, истакна Министерот Љутков.
Со ребалансот на буџетот наменет за Агенцијата за поддршка на туризмот, во Министерството за култура и туризам дополнително според Љутков, се обезбедуваат 605 милиони денари или околу 10 милиони евра. Тие се распределени во неколку ставки и ќе бидат искористени за поддршка и промоција на културата и туризмот: за активности на Плаошник, Скопското кале, за Агенцијата за филм…
Тој додаде дека се формирани и работни групи за дефинирање на проекти и активности кои треба да бидат вклучени во програмите за промоција и развој на туризмот за потребите на туристичкото стопанство и туристичката индустрија, со цел рамномерен регионален развој и зајакнување на локалната економија. Една од приоритетните задачи е и развој на националната мобилна апликација за транзитен туризам „Застани – истражувај“со фокус на задржување на транзитните патници по коридорот Е-75, како и промоција на неискористениот туристички потенцијал преку QR-кодови поставени на граничните премини, патарини и билборди и туристички локации. Исто така, тој истакна дека Министерството подготвува и Национална стратегија за туризам во Македонија за периодот 2027 – 2031 година во која ќе биде дефинирана и идната визија за туризмот, како и стратешките цели за маркетинг и за создавање трговска марка. (Д.Т.)